Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)

Првата жена и првата лезбијка на премиерска функција во српската историја вели дека не сака да биде позната само по тоа што е „геј премиерка“.

Во нејзиното прво интервју со странски весник откако стана премиерка, Ана Брнабиќ, меѓу другото, изјави: „Србија се менува и тоа брзо, и ако сакате, јас сум дел од таа промена, но не сакам да бидам етикетирана како „српската геј премиерка“. Пораката што треба да ја испратиме е за компетенцијата, професионализмот и чесноста“. Иако е лезбијка, Брнабиќ за Гардијан изјави дека сѐ уште не планира да спроведе реформи апропо ЛГБТ+ правата.

„Причината зошто не сум фокусирана на тоа во моментот е бидејќи длабоко, вистински верувам дека Србија ќе стане потолерантно општество штом луѓето бидат вработени, имаат подобро платени работни места, не треба да се грижат за својата егзистенција или иднината на нивните деца, и кога нема да мора да се грижат за две или три генерации кои живеат под ист покрив“.

„Не мислам дека Србија е толку хомофобична. Знам дека тоа е една од перцепциите, и ги сфаќам ставовите кои се различни во некои делови на Србија. Еве, некои новинари го посетиле селото во централна Србија од каде потекнува дел од моето семејство. Виделе двајца луѓе кои пијат пиво пред локалната продавница и ги прашале за мене, а тие им одговориле: Вака, слушнете, во овој дел од Србија одгледуваме малини, овојшје и зеленчук, не одгледуваме дискриминација“, открива таа во разговорот за Гардијан.

„Треба да ги слушнеме и овие луѓе. Граѓаните на Србија имаат право да не бидат портретирани како такви поради едно гласно малцинство. Можеме да имаме култура каде не се согласуваме, сѐ додека има толеранција и нема насилство. Сите ние можеме да имаме различни ставови и вредности, но не сакам да го менувам размислувањето на луѓето со закони“, додава таа.