Дома Вести Македонија

Антонио Милошоски, престанете да поттикнувате хомофобија и оставете ги ЛГБТ+ луѓето на мира!

Став на Петар Стојковиќ, главен и одговорен уредник на онлајн магазинот Queer.mk

Фото: Gustavo Frazao/Shutterstock

Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РМ, со своите изјави во јавноста поттикнува хомофобија уште од моментот кога пратеникот Бранко Маноиловски од ДУИ го отвори во парламентот прашањето за легализација на истополовиот брак во земјава, и отворено зазема став дека хомосексуалците треба да имаат исти права како и останатите граѓани.

Реплицирајќи на предлогот на Маноиловски, Милошоски во понеделникот изјави: „Ако некои држави одлучиле девијантни појави да ги легализираат во еднополови бракови, и ако тоа не одговара со семејната и традиционална определба на општеството во РМ, не мора сите лоши работи да ги увезуваме“.

Од друга страна, одговарајќи на новинарски прашања, во средата (5 јули) премиерот Зоран Заев рече дека е отворен за дебата околу легализација на истополовиот брак во земјава и додаде дека ставот на Владата на РМ е „почитување на различностите и градење на еднакво општество за сите“.

Во објава на Фејсбук, Милошоски вчера (8 јули) напиша: „Оставете ги семејството и бракот на мира! Прво почнавте со Шиндре, промовирање на педофилија на настан организиран од министерот за култура. После (не)случајно Бранко (ДУИ) предложи легализација на хомосексуални бракови. Продолжи Ивана Туфергџиќ (СДСМ) со став дека хомосексуалните парови треба да посвојуваат и деца. Па се јави Боки 13 дека ќе поднел барање до неговата пријателка министерка (Мила СДСМ) за посвојување на 3 деца“.

„Колеги од СДСМ, водете политика, водете држава, но оставете го класичното природното семејство на мира. Народот е тивок, но знајте дека Македонците, и Албанците, и Турците, и Србите, и Ромите, би направиле сѐ да си ги заштитат семејствата. Да не го ослабуваме општеството таму каде што е силно!“, им порача Милошоски на политичарите од владејачката гарнитура.

Фејсбук статус на Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РМ

Сепак, станува збор за извртување на вистината од страна на Милошоски.

Прво, на 22 јуни, министерот за култура Роберт Алаѓозовски ја отвори изложбата на канадскиот трансродов уметник Касилс во Националната галерија на РМ – Мала Станица, со која официјално стартуваше ЛГБТ+ викендот на гордоста во Скопје. Граѓанскиот активист Никола Шиндре беше дел од говорниците на промо-настанот „Срамота!“, вечер на раскажување квир приказни, кој се одржа на 14 јуни, каде воопшто не стана збор за педофилија ниту се промовираше такво нешто (што лесно може да се потврди и од видео снимката од настанот) и каде не беше присутен министерот за култура. Имено, Алаѓозовски не се јавува како организатор на ниту еден од настаните. Официјално, организатори на ЛГБТ+ викендот на гордоста во Скопје се Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, ЛГБТИ центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ и ЛГБТ Јунајтед Тетово.

Второ, самиот Маноиловски изјави дека неговиот став за хомосексуалноста и истополовиот брак не нужно го одразува ставот на ДУИ во врска со тоа. Пратеникот рече дека чувствувал потреба да проговори за тоа бидејќи станува збор за човекови права, а не за политикантство или партиска идеологија.

Трето, Турфергџиќ при гостувањето во дебатната емисија „Топ Тема“ на телевизија Телма јасно кажа дека не може да говори од име на СДСМ, бидејќи таа е независен пратеник (иако се најде на нивната листа на парламентарните избори во 2016), но дека таа лично би се произнела позитивно истополовите двојки да бидат во можност да стапуваат во брак и да посвојуваат деца.

Четврто, Бојан Јовановски (исто така познат во јавноста како Боки 13) не е јавно деклариран припадник на ЛГБТ+ заедницата, и доколку би поднел барање за посвојување деца, тоа би го сторил како самец, што не е законски спорно.

Петто, доколку некогаш се отвори бракот за истополовите двојки и им се дозволи да посвојуваат деца, со тоа само би се афирмирало семејството.

Бракот како правна инстуција треба да биде достапен за сите, бидејќи од него произлегуваат обврски, права и бенефиции за брачните партнери.

Нема ништо неприродно во едно семејство каде родителите се од ист пол.

Милошоски може да биде безгрижен и сигурен дека „класичното, природното семејство“, како што го нарекува, и натаму ќе продолжи да постои.

Комесарот за човекови права при Советот на Европа, Нилс Муижниекс порано годинава посочи на растечкиот консензус во ЕУ дека една влада не може да ги дискриминира истополовите двојки – повикувајќи се на неодамнешните реформи во законодавството и судската пракса на Европскиот суд за човекови права. Пресудата од 2015 година во случајот Олиари против Италија, конкретно, им поставува позитивна обврска на земјите-членки на Советот на Европа да обезбедат правно признавање на истополовите двојки во своите држави како начин да се заштити нивното човеково право на семеен живот.

На Италија ѝ беше наложено да ја острани дискриминацијата и да овозможи регистрирани партнерства за истополовите двојки, што и го стори во 2016.

Фото: ONOKY/Eric Audras/Getty Images

Во јуни, Европскиот парламент ја потсети Македонија дека остварувањето и почитувањето на ЛГБТ+ правата е клучен аспект за влез во Европската унија.

Македонија има потпишано и ратификувано меѓународни договори кои ја обврзуваат државата на ЛГБТ+ луѓето да им обезбеди уживање на човековите права и слободи, и живот без дискриминација и насилство, како според Универзалната декларација за човековите права, така и според Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи. Повеќе пати досега беше потенцирано дека од Македонија се очекува имплементирање на насоките во препораката CM/Rec(2010)5 на комитетот на министри до земјите-членки на Советот на Европа во врска со мерките за борба против дискриминацијата по основа на сексуална ориентација или родов идентитет.

Овозможувањето законска рамноправност на ЛГБТ+ граѓаните не значи дека ќе им се одземе нешто на останатите граѓани. Еве, ќе ги земеме за пример жените или црните луѓе кои во минатото беа долго време обесправени. Тоа што овие претходно маргинализирани заедници со тек на времето и еволуцијата на општествените ставови добија еднаквост со мажите (стекнување со правото на гласање, правото на наследство итн.) или со белите луѓе (укинување на ропството и расната сегрегација, стекнување со правото на гласање, итн.), не се одрази негативно на останатите „привилегирани“ општествени слоеви (мажите и белците). Напротив, поттикнувањето и негувањето на диверзитетот на општеството придонесе за остварување на потенцијалите на сите граѓани и нивен придонес во унапредувањето на политиката, културата, спортот итн.

За крај, еднаш за секогаш да разјасниме. Хомосексуалноста отсекогаш била и е само една од природните варијации на сексуалната ориентација (исто како што се хетеросексуалноста, бисексуалноста и асексуалноста). Само поради општествената стигма, чии корени најчесто се во религиските уверувања и хомофобијата која ја шират верските лидери, долго време хомосексуалноста беше сметана за „болест“, пред сѐ благодарение на црквата, која во XIX век ја трансформираше од грев во ментално растројство. Модерната медицина хомосексуалноста не ја смета за „болест“. Светската здравствена организација ја отстрани хомосексуалноста од својата листа на ментални растројства во Меѓународната статистичка класификација на болестите и сродните здравствени проблеми (МКБ-10) во 1990 година, додека Американското здружение на психијатри го стори истото во својот Дијагностички и статистички прирачник за ментални растројства во 1987 година.

Хомосексуалноста и педофилијата (која според МКБ-10 се третира како растројство на сексуалната преференција) немаат ништо заедничко и секое споредување на двете или ставање во ист кош е неосновано и погрешно.

Хомосексуалноста беше декриминализирана во Македонија во 1996 година.