Дома Забавна индустрија

Брајан Мајкл кој игра трансродов лик во „Queen Sugar“, откри дека и самиот е трансродово лице

Брајан Мајкл (Фото: Бен Еснер)

Актерот Брајан Мајкл Смит, кој игра трансродов полициски службеник во американската телевизиска серија „Queen Sugar“, обелодени дека и самиот е трансродово лице. Ова е важно бидејќи ретко во медиумите можеме да видиме трансродови луѓе кои играат трансродови улоги. Напротив, честопати гледаме дека овие улоги им се даваат да ги толкуваат на бели цисродови луѓе.

Појаснување за оние кои за прв пат се сретнуваат со овие термини: цисродови лица се оние чијшто родов идентитет е во склад со полот кој им е назначен при раѓањето, додека трансродови лица се оние чијшто родов идентитет на некој начин не се совпаѓа со полот кој им е назначен при раѓањето.

Во интервју за американската телевизија NBC, Смит во врска со толкувањето трансродов лик и јавното декларирање како трансродов маж кое уследи потоа, изјави дека порано работел поаѓајќи од својата некомплетна верзија, тежнеел да игра улоги во кои се чувствувал пријатно, но не поради тоа што се срамел, туку затоа што не бил подготвен да го истражи тоа во неговата работа. Со текот на времето, едуцирајќи се како актер и истражувајќи ја подлабоко својата личност и преку терапија, тој конечно се прифатил себеси во целина.

„Во приватниот живот се чувствував покомплетен и имав повеќе прифаќање за целото мое искуство, па сакав да го сторам истото во мојата работа. Имав многу искуства за време на мојата транзиција и по неа, сметам дека научив многу, и сакав да го споделам тоа преку мојата работа како артист. Сметав дека поради времето поминато обучувајќи се (како актер) и искуствата кои имав можност да ги стекнам, како изведувач се наоѓам позиција кога можам навистина да ги вметнам овие нешта во работата. Исто така, поради она што го правите вие, Лаверн Кокс и GLAAD, има повеќе улоги кои ги пополнуваат трансродови луѓе и кои се подобро напишани и се темелат на автентичност“, вели актерот.

Ова е значајно, особено заради застапеноста на црните трансродовите луѓе, кои ширум светот сѐ уште брутално ги напаѓаат и угнетуваат како група.