Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)

Чеченскиот претседател Рамзан Кадиров во неодамнешно интервју повтори дека не постојат геј луѓе во Чеченија, а ако постојат, тие се ѓаволи кои треба веднаш да побегнат во Канада. Кадиров – во интервјуто за емисијата „Real Sports“ на HBO, каде зборуваше за боречката лига во Чеченија, семиавтономна република во Русија – беше конфронтиран за затворањето и убивањето на геј и бисексуалните мажи во неговата земја; не е познат точниот бројот на досега нелегално, вонсудски егзекутираните мажи, но се шпекулира дека изнесува преку педесет. Оттука, Кадиров беше гневен на прашањето од репортерот Дејвид Скот: „Зошто дојде тука? Која е поентата на овие прашања?“.

„Тоа е бесмислица. Немаме такви луѓе овде. Немаме гејови. Ако има, однесете ги во Канада. Слава му на Бога. Одведете ги подалеку од нас, не ни требаат дома. Да ја прочистиме нашата крв, ако постојат такви овде, земете ги“, рече Кадиров, одговарајќи на прашањето за наводниот прогон, киднапирање, притворање и тортурирање на мажите со поинаква сексуална ориентација.

Кога Скот го праша Кадиров, дали не го загрижуваат овие сведоштва на млади мажи кои велат дека биле измачувани со денови, од аспект на законот и поредокот во републиката, чеченскиот лидер имаше уште поостар одговор.

„Тие се ѓаволи. Тие се за продажба. Тие не се луѓе. Проклети да бидат од Бога за она што нѐ обвинуваат. Ќе мора да одговараат за тоа пред Семоќниот“, порача Кадиров со заканувачки тон. „Америка спроведува антируска политика против лидерството на земјата. Знаат дека сум подготвен да го дадам својот живот за Русија, и дека имам добра армија способна за напад и одбрана“, додаде тој.

Прашан дали ги смета САД за непријател на неговата земја, Каридов изјави: „За нас, Америка не е доволно силна држава за да ја сметаме за непријател на Русија. Имаме силна влада и ние сме нуклеарна држава. Дури и некој да успее комплетно да ја уништи нашата влада, нашите нуклеарни проектили ќе бидат автоматски лансирани. Ќе го ставиме целиот свет на колена и ќе му ја свиткаме раката одзади“. Погледнете го овој исечок од интервјуто во продолжение.

И покрај видеото, портпаролот на Владимир Путин, Дмитри Песков осврнувајќи се на интервјуто на HBO со Рамзан Кадиров вели дека „многу често, неговите зборови се вадат од контекст“. Песков инсистира дека „таму не е кажано ништо невообичаено“ кога ќе се земе предвид „контекстот“ на кажаното.

Оваа епизода на „Real Sports“ ќе се емитува на 18 јули на HBO. Еве го трејлерот.