На Синодот во Јорк минатиот викенд, Црквата на Англија со гласање донесе две историски одлуки во корист на ЛГБТ+ заедницата. Прво, одлучи јавно да ја осуди „конверзивната терапија“ (обидите за „лекување“ на хомосексуалноста), и второ, црквата ќе воведе посебна богослужба со која ќе им посака добредојде во англиканската вера на трансродовите лица по нивната транзиција.

Црквата изјави дека за конверзивната терапија „нема место во модерниот свет“ и со 298 наспроти 74 гласови се изјасни за јавна осуда на архаичната пракса, процедура која е неетичка, апсурдна и штетна по здравјето на човекот.

Во однос на прифаќањето на трансродовите луѓе во заедницата, за кое беше одлучено со 284 гласови за наспроти 78 против, пасторот Крис Њуландс рече: „Се надевам дека ќе испратиме моќна порака со тоа што се изјаснуваме дека веруваме оти трансродовите луѓе се ценети и сакани од Бога, кој ги создал, и е присутен во текот на сите пресврти и промени од нивните животи“.

За институција која често е перципирана како исклучително хомофобична, ова претставува огромен чекор во насока на постигнување рамноправност на сите верници. Што се однесува до прифаќањето на истополовиот брак, Црквата наводно не можела да се изјасни по тоа прашање до 2020 година.