Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)

Огромно внимание минатата недела предизвика легендарната тенисерка Маргарет Корт, која јавно изрази незадоволство што авиокомпанијата „Квантас Ерлајнс“ поддржува легализација на истополовиот брак во Австралија, и упати писмо во кое најави дека ќе ги избегнува летовите со нивните авиони.

Во неодамнешно интервју, Корт ги спореди активистите за ЛГБТ+ права со Хитлер, а за трансродовите деца рече дека се под влијание на Ѓаволот.

„Сето тоа е дело на Ѓаволот… тоа е резултат на Хилтер и на комунизмот… им го зеде паметот на децата“, изјави таа зборувајќи за трансродовите деца, и додаде дека таквите деца се продукт на родители кои не се грижат за нив.

Маргарет Корт (Фото: Getty Images)

Понатаму, рече дека тенисот сега е „полн со лезбијки“, но таа „нема ништо против“ геј луѓето, само смета оти „на детето му треба мајка и татко“.

Тоа наиде на осуда од либералните Австралијанци. Многу тенисер(к)и ја осудија оваа изјава, а на конференцијата за новинари по победата над Андреј Кузнецов во првото коло на Ролан Гарос, тоа прашање му беше поставено и на моментално најдобриот тенисер во светот, Британецот Енди Мареј.

„Не гледам причина зошто некому би му претставувало проблем да стапат во брак две лица кои се сакаат. Двајца мажи или две жени, тоа е прекрасно. Не разбирам, што е важно. Тоа не треба да ги интересира останатите. Сите би требало да имаат еднакви права. Тоа е мојот став на таа тема“, изјави Мареј.

Најжестока реакција, очекувано, стигна од Мартина Навратилова, која ја поддржа идејата арената „Маргарет Корт“ во Мелбурн повеќе да не го носи името на нејзината колешка. Најдобрата австралиска тенисерка Саманта Стосур најави бојкот на Аустралијан Опен ако не биде преименуван теренот.