Дома Забавна индустрија

Ендрју Гарфилд вели дека не сака да ја исклучи можноста во иднина да се забавува и со мажи

Ендрју Гарфилд (Фото: Frazer Harrison/Getty Images)

Ендрју Гарфилд откри дека не би имал ништо против во иднина да биде во врска со маж. Британскиот актер, кој моментално глуми во „Ангели во Америка“ во Националниот театар во Лондон, за време на една дискусија беше прашан од член на публиката кои сфери од својот живот ги искористил во градењето на ликот што го игра во театарската претстава, геј маж што живее во Њујорк.

„Колку што знам, не сум геј маж. Можеби ќе доживеам будење подоцна во животот, и сигурен сум дека ќе биде прекрасно и ќе добијам прилика да го истражам и тој дел од градината, но сега сум повлечен во мојата зона, која исто така е прекрасна. Ја обожувам“, изјави Гарфилд одговарајќи на прашањето.

Тој рече оти морал да му верува на изборот на Тони (Кушнер, авторот на Ангели во Америка) кога го викнал да игра во претставата. Подготовките започнале уште пред да започнат пробите, а со помош на многуте негови пријатели.

„Претставата е посветена на моите пријатели во геј заедницата, како и на оние кои починале за време на епидемијата (со ХИВ/СИДА)“, вели Ендрју и открива дека во слободното време кога немал проби, секоја недела му доаѓале осум пријатели и заедно го гледале талент драг-шоуто на РуПол, кое му помогнало да го пронајде својот лик. Всушност, тоа бил неговиот живот вон претставата.

„Јас сум геј маж во моментот, само без физичкиот акт“, додава актерот.

На Ендрју не му е непознато како изгледа макар бакнеж со маж. Тој тоа го стори во неколку наврати, и тоа со Стивен Колбер и со колегата Рајан Рејнолдс.