Дома Вести Македонија

Европскиот парламент ја потсетува Македонија: ЛГБТИ правата се клучен аспект за влез во ЕУ

Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)
Фото: Vlatko Radovic via Thinkstock/Getty Images
Skopje Pride Weekend 2017

Европскиот Парлaмент минатата седмица усвои три годишни извештаи кои се однесуваат на кандидатите и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ.

Во овие извештаи, европарламентарците ги оценија состојбите со правата на ЛГБТИ луѓето во Македонија, Србија и Косово и им препорачаа на земјите во иднина да поработат на подобрување на позицијата на ЛГБТИ граѓаните.

Skopje Pride Weekend 2017

Што се однесува на Македонија, Парламентот нагласува дека земјата треба да ја усогласи законската заштита од дискриминација според стандардите на Европската унија, посебно во однос на дискриминацијата при вработувањето врз основа на сексуалната ориентација. Исто така се изразува загриженост дека нетолеранцијата, дискриминацијата и нападите врз ЛГБТИ луѓето не запираат.

Во извештајот за Косово, Парламентот „ја поздравува политичката поддршка на високо ниво за правата на ЛГБТИ лицата“. Исто така го поздрави и одржувањето на втората по ред Парада на гордоста. Во извештајот за Србија, Парламентот подвлекува дека иако е креирана законската рамка против дискриминација, недостига конзистентна имплементација ширум земјата. Потребни се дополнителни напори, вклучително и за припадниците на ЛГБТИ заедницата.

Европарламентарката Улрике Луначек, копретседателка на Интергрупата за ЛГБТИ права и специјален известувач на Европскиот парламент за Косово, посочи: „Не постои заобиколен пат: влезот во Европската унија бара заштита од дискриминација за ЛГБТИ луѓето, како во законите, така и во праксата“.

„Ги повикувам законодавците во Скопје, Белград и Приштина да ги прифатат нашите заеднички вредности за праведност и еднаквост, да застанат во заштита на ЛГБТИ луѓето во своите земји и да ги поддржат кампањите за подигнување на јавната свест кои ќе ги отворат срцата и умовите на луѓето за еднакви права и за промоција на можноста ЛГБТИ луѓето да живеат без страв“, додава таа.

Европратеникот Фабио Масимо Касталдо, потпретседател на Интергрупата за ЛГБТИ права, вели: „Иако во Западен Балкан се случува навистина позитивен развој во однос на ЛГБТИ правата, говорот на омраза и насилството од омраза и натаму остануваат проблематични, и во многу случаи не се соодветно адресирани. Со гласањето за овие извештаи, парламентот јасно кажува дека почитувањето на ЛГБТИ правата е клучен аспект од евроинтеграцијата“.