Дома Спорт

ФИФА го предупреди Мексико за „навредливото“ скандирање на Купот на конфедерации во Русија

Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)
Фото: ESPN FC

ФИФА соопшти оти го предупредила Мексико, како што велат, за „навредливо и дискриминаторно“ скандирање за време на нивниот прв натпревар на Купот на конфедерации во Русија. Инцидентот се случил во неделата на натпреварот во Казан меѓу Мексико и Португалија што заврши нерешено (2:2), се вели во соопштението на ФИФА, неколку дена откако најави построги мерки за спречување на непристојното однесување од страна на фановите на турнирот, вклучително давајќи им дозвола на судиите да ги прекинат натпреварите.

ФИФА изјави дека Анин Јебоа, претседавачот на дисциплинската комисија, ја предупредил „Фудбалска федерација на Мексико за непристојното однесување на мала група мексикански фанови во врска со навредливо и дискриминаторно скандирање“ и посочи дека може да преземе и други мерки во случај на сличен инцидент. Нема повеќе детали какви мерки би можеле да бидат преземени.

Како одговор на предупредувањето, мексиканските фудбалски власти ги замолуваат поддржувачите конечно да стават крај на користењето на навредливиот збор. Зборот „путо“ (педер) често се извикува од мексиканските навивачи кога голманот на противничкиот тим треба да го одбрани голот.

ФИФА веќе го казни Мексико за хомофобичното скандирање на фановите за време на квалификациските натпревари за Светскиот куп 2018.

Мексиканските фудбалери минатата година лансираа сопствена кампања против хомофобичното скандирање за време на натпреварите.

Денес (21 јуни), во Сочи, Мексико ќе ги одмери силите со тимот на Нов Зеланд, на својот втор натпревар на ФИФА купот на конфедерации.