Дома Вести Свет

Формирана првата воена единица сочинета од ЛГБТ+ луѓе за борба против ИСИС во Сирија

Фото: IRPGF/Twitter

Оформена е првата војска сочинета од ЛГБТ+ луѓе и нивни поддржувачи, а за борба против Исламска држава (ИСИС). Волонтерската организација која себеси се нарекува „Квир востаничка и ослободителна армија“ е подгрупа на Меѓународните револуционерни народни герилски сили, анархистичко движење кое работи заедно со курдските единици во северна Сирија.

Во изминатите три години, ЛГБТ+ луѓето беа постојана мета на ИСИС.

ИСИС отворено ја осудува хомосексуалноста, а нивните поддржувачи се верува дека се виновни за бруталните убиства на заробеници за кои постоело сомнение дека се хомосексуалци. Во многу случаи тие беа каменувани или фрлани од покривите на згради и куќи. Извршителот на смртносниот напад во клубот „Пулс“ во Орландо се заколна на верност на Исламска држава.

Новата квир воена формација се бори токму против овие злосторства.

Во објава на Твитер тие напишаа: „Сликите на геј мажите кои беа фрлани од покривите и каменувани до смрт од страна на Даеш не е нешто што можевме да го премолчиме. Не е само ИСИС чија омраза за квир, трансродовите и другите небинарни луѓе води кон верски мотивирана омраза и напади. Конзервативните христијани во глобалниот северозапад исто така ги напаѓаат ЛГБТ+ луѓето во обид да ги замолчат и да го збришат нивното постоење“.

„Сакаме да истакнеме дека квирфобијата, хомофобијата и трансфобијата не се својствени за исламот, ниту за која било друга религија. Токму оваа неопходност и желба да се зацврстат придобивките од женската револуција и во исто време да се унапреди квир борбата, ги мотивираше квир другарите од Меѓународните револуционерни народни герилски сили да ја формираат оваа Квир востаничка и ослободителна армија“, се вели во соопштението.

Точниот број на ЛГБТ+ членови во новоформираната Квир востаничка и ослободителна армија се чува во тајност за да се заштитат членовите на единицата, но нивниот портпарол за Newsweek изјави: „Многумина од нашите другари доаѓаат од ЛГБТ+ заедницата. Ние веќе се бориме во Рака“.