Дома Спорт

Фудбалерите во поддршка на ЛГБТ+ фановите на натпреварот меѓу Данска и Германија

Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)
Кристијан Ериксен (Фото: Jens Dresling/Ritzau Foto via AP)
Skopje Pride Weekend 2017

Два фудбалски тима испратија силна порака против хомофобијата во спортот.

Во вторникот на 6 јуни, Данска ѝ беше домаќин на Германија во пријателски фудбалски натпревар. Со оглед на тоа дека во моментот во светот се празнува Месецот на гордоста на ЛГБТ+ заедницата, двата тима ја искористија можноста да испратат моќна порака против хомофобијата и дискриминацијата.

Skopje Pride Weekend 2017

Капитените на двата тима, Јулијан Дракслер на Германија и Кристијан Ериксен на Данска ги заменија вообичаените капитенски ленти со виножитни.

Сепак, некои навивачи приметија дека капитените ги носат лентите наопаку.

Јулијан Дракслер (Фото: Jens Dresling/Ritzau Foto via AP)

И знамињата на корнерите од теренот беа заменети со виножитни знамиња, а на присутните им беа поделени беџови со натпис „љубовта е човеково право“.

На местата за светлечки реклами долж арената одвреме навреме, наместо рекламни пораки се појавуваше виножитното знаме на ЛГБТ+ заедницата.

Пред натпреварот, данскиот тим и Амнести Интернешнл објавија фотографии од некои од играчите со нивните лица обоени во боите на виножитото.

„Од аматерскиот фудбал, па сѐ до националниот фудбалски тим. Мораме заедно да се бориме против хомофобијата во данскиот фудбал. Фудбалот мора да обединува и да биде за сите. Сите кои го сакаат фудбалот ја имаат таа обврска“, порачаа во заедничка изјава Сане Тролсгард и Риза Дурмиши.

„Фудбалот е есенцијален дел од данската култура, и како важни примери за угледување, играчите од националниот тим можат навистина да помогнат да се направи промена преку потенцирање дека спортот е за сите, без разлика во кого сме вљубени“, вели Трине Кристенсен од данскиот Амнести Интернешнл.

Расмус Тренсков од Данското здружение на фудбалски навивачи вели дека се приклучиле на кампањата бидејќи „ние во Данска имаме многу верни фанови“ и тие сакаат да бидат инклузивни кон сите кои го сакаат фудбалот.

За фудбалските фанови: натпреварот заврши нерешено, со резултат 1:1.