Дома Забавна индустрија

„Гордост и предрасуди“ на Џејн Остин преработен за филм како љубовна приказна меѓу двајца мажи

Before The Fall (Фото: Washington House)

Филмот „Before the Fall“, кој е преработка на романот на Џејн Остин, „Pride and Prejudice“, веќе е достапен на интернет за стриминг ширум светот.

Во него, Елизабет Бенет е заменета со машкиот лик Бен Бенет (кој го толкува Итан Шарет), привлечен адвокат од отмените кругови на општеството во јужна Вирџинија. Но, неговиот спокоен живот ќе се преврти наопаку кога недоделканиот Ли Дарси (кој го толкува Чејс Конер) ќе пристигне во градот. Ли чува тајна која секоја вечер се обидува да ја скрие со помош на алкохолот.

По жестока караница со неговата девојка, Ли ќе биде погрешно обвинет за семејно насилство. Бен ненамерно ќе го навреди Ли во судницата и помеѓу двајцата мажи ќе се роди силно непријателство. Непријатната ситуација се влошува кога двајцата се принудени постојано да налетуваат еден на друг во малиот град. И додека луѓето околу нив се борат со сопствените романтични недоразбирања, Бен сфаќа оти и самиот има своја тајна – се вљубил во Ли.

„”Before the Fall” е исклучително убав, неизмерно романтичен и прекрасно изработен филм. Толку амбициозен и вреден за восхит, што ќе се најдете себеси опкружени со романтичниот дух и апсолутниот шарм на филмот“, вака Ричард Пропс од „The Independent Critic“ ја опишува романтичната драма.

Филмот во нашата земја е достапен за изнајмување преку сервисот Vimeo.