Сигурно се сеќавате на Грејсон Ченс кој се стекна со светска популарност на само 12 години, откако ја препеа песната „Папараци“ на Лејди Гага. Неговото видео е прегледано скоро 60 милиони пати, а своевремено го привлече вниманието на Елен Деџенерис која го покани во нејзината емисија, и потпиша договор со нејзината издавачка куќа. Сега, 19-годишниот Грејсон повторно се најде на насловните страници откако ја обелодени својата сексуалност.

Грејсон ја чуваше во тајност својата сексуалност, но одлучил да ја обелодени јавно откако примил порака од „храбра личност“ која го инспирирала.

„Дојдов до сознание дека сум геј кога имав 16 години. Одлучив да не зборувам јавно за мојата сексуалност поради тоа што сакав да ја заштитам сопствената приватност, бидејќи сѐ уште се обидував да пронајдам комфор и сигурност во сопствената кожа“, пишува тој. „Дополнително, јас секогаш ги сметав разговорите поврзани со музиката, политиката, уметноста, книгите поинтересни отколку тоа за какви момци сум заинтересиран. Ова и денес е така“.

Грејсон вели дека иако му биле потребни години за да ја напише оваа порака во која ја открива вистината за себе, сепак е „горд“ на својата сексуалност.

„Иако оваа порака е дефинитивно задоцнета, ги охрабрувам сите кои ја истражуваат својата сексуалност да посветат колку што им треба време на процесот на пронаоѓање самодоверба, себеприфаќање, и љубов за себе“.

„Мене ми беа потребни години за да ја напишам поракава. И покрај тоа, сфатив дека сега е време на уште неколкумина пријатели да им ставам до знаење дека сум среќен, дека сум тука за вас и дека сум горд на себе“, додава Ченс.