Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)

Според консензуалната изјава на Prevention Access Campaign, сега постои потврда базирана на докази дека лице кое живее со ХИВ, а истовремено е на антиретровирусна терапија (АРТ) и има недетектабилно вирусно оптоварување во последните 6 месеци, ризикот да пренесе ХИВ е практично занемарлив или непостоечки, информира граѓанското здружение „Заедно посилни“.

Дури и при мерливо вирусно оптоварување не настанува секогаш пренос на ХИВ. Но, недетектабилното вирусно оптоварување истовремено го штити здравјето на лицето со ХИВ и превенира нови инфекции.

Сепак, голем дел од луѓето што живеат со ХИВ, здравствените работници и оние кои се под ризик од ХИВ инфекција, сѐ уште не се свесни за огромното значење на успешното лекување на ХИВ како мерка на превенција.

Голем дел од пораките за пренесување на ХИВ се базирани на застарени истражувања или се под влијание на политики кои се негативизирчки кон сексот или дискриминирачки и стигматизирачки кон ХИВ.

Консензуалната изјава која се однесува на ризикот за пренос на ХИВ од лице со ХИВ со недетектабилно вирусно оптоварување, е поддржана од врвни истражувачи од секоја од водечките студии поврзани со ова прашање.

Многу е важно луѓето со ХИВ, нивните интимни партнери и здравствените работници да имаат точни информации за ризикот од пренос на ХИВ при сексуален однос со партнери кои се на успешна антиретровирусна терапија.

Истовремено, важно е да се нагласи дека многу луѓе што живеат со ХИВ не се во можност да постигнат недетектабилно вирусно оптоварување поради различни фактори кои го ограничуваат пристапот до лекување (како на пример: неквалитетен здравствен систем, сиромаштија, расизам, негирање, стигма, дискриминација и криминализација), поради резистентност на АРТ или поради токсичност на антиретровирусната терапија. Некои можат да одлучат да не се лекуваат или можеби не се подготвени да започнат со лекување.

Разбирањето дека успешната АРТ го спречува преносот на ХИВ помага кон намалување на стигмата поврзана со ХИВ и ги охрабрува луѓето со ХИВ да започнат и да се придржуваат до редовно земање на терапијата.

Интегралната изјава, заедно со поддржувачите може да се прочита овде.