Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)

ЛГБТ граѓаните на оваа држава недвосмислено заслужуваат еднаков третман и еднакви права, но дали и кога ќе се оствари тоа, останува непознато.

Иако ДИК неодамна ги соопшти официјалните резултати од предвремените парламентарни избори на 11 декември, според кои ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија освоиле 51 пратенички места, СДСМ и Коалицијата за живот во Македонија – 49, ДУИ – 10, БЕСА – 5, Алијанса за Албанците – 3 и ДПА – 2 пратеници, сепак и натаму е неизвесно формирањето на идната влада.

Извесно е дека од овој парламентарен состав не треба да очекуваме некакви значајни промени во однос на ЛГБТ правата со оглед на тоа што политичарите во изборната трка заборавија на човековите права на ЛГБТИ заедницата во Република Македонија и не сакаа да разговараат на оваа тема, со исклучок на Ивон Величковски од Либерална партија, која не влезе во Собранието.

Во јули 1996 година во РМ се декриминализира хомосексуалноста со бришење на членот од Кривичниот законик во кој стоеше дека „лицата од машки пол кои ќе сторат неприроден блуд, ќе бидат казнети со затвор до една година“.

Меѓутоа, оваа позитивна законска промена не беше резултат на јавни дебати ниту на стапување на власт на политички партии со напредни програми во врска со хомосексуалноста. Таа беше „молкум“ воведена како дел од обврските кои Македонија мораше да ги исполни бидејќи ја ратификуваше Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и пристапи во Советот на Европа во ноември 1995 година. Државата нема организирано медиумска кампања за да ја информира пошироката јавност за оваа важна промена, што покажува дека бришењето на озогласениот член не произлегло од либералната политичка и/или јавна клима, забележува Ана Мишковска Кајевска во нејзиниот текст „Појака репресија, појак отпор: ЛГБТ активизмот и европеизацијата во Македонија“ во рамки на публикацијата „Преку виножитото во Европа“.

Во 2005-та со измените во Законот за служење во Армијата, хомосексуалноста престанува да се третира како повреда на воената дисциплина.

Покрај Кривичниот законик и законот за служење во Армијата од кои се избришани дискриминаторните одредби, уште осум закони беа подобрени со експлицитен исказ дека сексуалната ориентација не смее да биде основа за дискриминација. Тоа се следните закони: Закон за работните односи, Закон за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, Закон за високото образование, Закон за семејството, Закон за заштита на правата на пациентите, Закон за јавно здравје, Етички кодекс за јавни службеници и Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во 2010-та беше донесен Закон за спречување и заштита од дискриминација, но сексуалната ориентација и родовиот идентитет сѐ уште не се експлицитно наведени во основите за дискриминација во членот три од законот.

И покрај хомофобичната атмосфера во општеството, полека се зголемува видливоста на ЛГБТ заедницата и ЛГБТ прашањата се актуелизираат.

На тема човековите права на ЛГБТ луѓето во Република Македонија разговаравме со Народниот правобранител, господинот Иџет Мемети.

Дискриминацијата и насилството и натаму се главните проблеми на ЛГБТ луѓето во РМ, што треба да се промени за да се смени ваквата состојба?

Иџет Мемети: „Во повеќе наврати имам изјавено дека припадниците на ЛГБТ заедницата се соочуваат со дискриминација во многу аспекти од животот, како и со насилство што во голема мера е резултат на негативните перцепции и стереотипи и кои често се изразени преку директна или индиректна хомофобична и трансфобична реторика.

Едно е да се разгледа местото и правата на ЛГБТ лицата во западноевропските земји, а во друга насока се размислувањата кај нас и на Балканот, каде менталитетот на луѓето е поразличен и со потешкотии се прифаќаат различностите, па во тие рамки и ЛГБТ заедницата, што не се оправдува.

Сметам дека треба да се работи на подигнување на свеста на луѓето, преку одржување на кампањи на државно и локално ниво за почитување на различностите меѓу граѓаните. Понатаму, не треба да се премолчуваат или поддржуваат дискриминаторски закони, политики и практики, особено во однос на употреба на сила, вршење на тортура или малтретирање на ЛГБТ (лезбијките, геј мажите, бисексуалните и трансродовите) лица. Напротив, треба да се реагира и да се осудуваат ваквите постапувања, што ние како Народен правобранител јавно го правиме, осудувајќи го секој чин на насилство или физички напади на јавни места кон припадниците на ЛГБТ заедницата.

Сметам дека треба да се мониторираат состојбите од аспект на унапредување на човековите права за сите, врз основа на меѓународните стандарди заради уживање на гарантираните права со домашната и меѓународната регулатива, како и реагирање во случаи на ограничување на пристапот до човековите права на ЛГБТ заедницата. Кај нас проблем е и отсуството на јавно дебатирање за сексуалната ориентација и родовиот идентитет, и сметам дека треба да се создаде простор за отпочнување на такво нешто, при што несомнено е дека ќе има чувствителни дискусии. Секако, големо е значењето и улогата на медиумите кои имаат обврска да информираат без предрасуди, како и да ја променат перцепцијата на граѓаните кон позитивно, вклучително и кога информираат за лицата кои припаѓаат на оваа заедница.

Законот за спречување и заштита од дискриминација во членот 3, иако изречно не ја набројува забраната за дискриминација по основ на „сексуална определба“, го опфаќа и овој основ, што се потврдува и преку нашето и постапувањето на Комисијата за заштита од дискриминација, која според наши сознанија ги отфрла (претставките) без да констатира дискриминација. Меѓутоа, сметам дека би било и појасно и неспорно ако овој основ се вброи во постојниот закон, што значи потребна е измена на овој закон.

Исто така, потребна е поголема обученост на полициските службеници во однос на заштитата на човековите права, со особен осврт кон ЛГБТ заедницата. Јавното обвинителство на Република Македонија и полицијата мора да бидат поактивни кон гонењето/откривањето на сите сторители на кривични и прекршочни дела кои се поврзани со повреда на правата на ЛГБТ заедницата, како и ефикасно санкционирање на овие однесувања од страна на судовите.

Поинаку ќе се размислува за ЛГБТ заедницата ако овие лица бидат вклучени во државните стратегии за човековите права, со истакнување на важноста на човековите права и структурната дискриминација кон ЛГБТ заедницата.

Секако не помалку важно е активно следење и процесуирање на пријави од надлежните институции кон сите оние кои го користат говорот на омраза кон лезбијките, геј мажите, бисексуалните и трансродовите луѓе.“

Колку припадници на ЛГБТ заедницата се обратиле или побарале помош од Народниот правобранител и за што најчесто се однесувале жалбите?

Иџет Мемети: „Во досегашното постапување на Народниот правобранител не се водени постапки од лица кои во претставката директно посочиле дека се припадници на ЛГБТ заедницата, но не е исклучено дека Народниот правобранител постапувал во заштита на нивните права како и за останатите граѓани, значи сме воделе постапка за заштита како граѓани. Во моментот водиме три постапки во кои се содржани наводи за дискриминација на ЛГБТ лицата, што како орган сериозно и сеопфатно ќе ги анализираме и истражиме за да ефикасно постапиме по истите. Впрочем, нашата улога и мандат е јасен – заштита на уставните и законските права на граѓаните, со почитување на еднаквоста, односно заштита од дискриминација од органите на државната управа и органи и организации со јавни овластувања.“

Дали сметате дека ЛГБТ луѓето во РМ треба да уживаат еднакви права како и останатите граѓани? Што најбрзо може да се смени во законските регулативи?

Иџет Мемети: „Доколку се направи законската измена која веќе ја посочив погоре, несомнено е дека ќе треба да се извршат измени и во повеќе други закони и подзаконски акти заради усогласување на правната регулатива како во граѓанската област, во прописи кои ги уредуваат статусните права на граѓаните, како и во областа на здравствената заштита. Но, исто така за да се направи ова, потребно е да се направи соодветна анализа на законите кои ќе им помогнат на припадниците на оваа заедница во остварување на нивните права.“

Дали борбата на граѓанскиот сектор кој ги застапува човековите права на ЛГБТ лицата е продуктивна или сѐ се сведува само на слово на хартија?

Иџет Мемети: „Веќе кажав кои се надлежностите на Народниот правобранител, односно дека тој не е орган кој директно ја следи работата на невладиниот сектор, но има партнерски однос со него во различни сегменти, и е на иста линија на делување во заштита на правата на граѓаните.

Граѓанскиот сектор е доста активен во промовирање на прашањата на ЛГБТ заедницата, а ќе биде поефикасно ако се воспостави еден вид на соработка преку нудење можности за размена, во насока на унапредување на човековите права на ЛГБТ лицата. Во овој контекст сакам да потсетам дека неодамна со ЛГБТИ Центарот за поддршка што функционира во рамките на Хелсиншкиот комитет за човекови права потпишавме Меморандум за соработка за имплементација на Проектот за подобрување на статусот на ЛГБТ заедницата, а финансиски поддржан од УСАИД. Со тоа ги потврдуваме нашите континуирани заложби за еднаков третман на сите граѓани, во насока на надминување на хомофобијата и трансфобијата, како и спречување и заштита од дискриминација, спречување на говор на омраза и дела од омраза.“

Дали во Република Македонија треба да се одржи Парада на гордоста?

Иџет Мемети: „Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест. Нашиот Устав утврдува дека користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба. Оттука, секој јавен собир кој не предизвикува насилство и немири, а преку кој се сака да се испрати некаква порака не е пречка да се одржи согласно постојната законска регулатива.“, заклучува Омбудсманот во интервјуто за QUEER.MK.

Според анкетата која ја спроведовме во октомври на нашата веб-страница, 74.2% (800 од вкупно 1078 гласови) одговориле оти сметаат дека не се створени услови за одржување ЛГБТ Парада на гордоста во Скопје во 2017 година.

Во декемвриската анкета на која нашите посетители се изјаснуваа по прашањето „дали сметате дека на истополовите двојки во Република Македонија треба да им се овозможи регистрирани граѓански партнерства“, 53.3% (668) одговориле позитивно, додека 46.7% (586) негативно.