Дома Вести Прајд

Илјадници Французи бараат еднаков пристап до медицински потпомогнато оплодување за сите

ЛГБТ+ парада на гордоста во Париз, 24 јуни 2017 (Фото: Le Parisien/Nicolas Serve)

Повеќе илјади луѓе во саботата во Париз зедоа учество на четириесеттата по ред ЛГБТ+ парада на гордоста, со барање медицински потпомогнатото оплодување да им се овозможи на сите, без услови и ограничувања.

Полицијата го обезбедуваше собирот на плоштадот Конкорд, каде можеа да се видат и „гладијатори“ и луѓе облечени во боите на виножитото, пренесува Бета.

„Ние не бараме милостина туку права, затоа сме толку блиску до парламентот“, изјави еден од портпаролите на ЛГБТ+ организациите, организатори на собирот.

Претседателот Емануел Макрон се заложи за проширување на правото на медицински потпомогнато оплодување за „лезбијските парови и жените без партнер“. Оваа помош сега е дозволена само на стерилни хетеро парови.

„Франција е виножито. Побогати сме поради нашата разноликост, да бидеме горди! #ПарадаНаГордоста #ЉубовeЉубов“, твитна вчера Макрон.

Медицински потпомогнатото оплодување е деликатна тема во Франција, која се соочи со силен отпор при легализацијата на истополовиот брак во 2013 година. Државната етичка комисија во вторник ќе расправа за оваа тема.