Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)

Поддршката на брачната еднаквост во САД достигна ново рекордно ниво.

Според анкетата за „вредностите и уверувањата“ која компанијата Gallup ја спроведува секоја година, 64% од возрасните Американци се согласуваат дека истополовиот брак треба да биде легален, што е мало, но не и незначително покачување во однос на минатата година, кога поддршката беше 61%.

Што се однесува на поддршката од политичките партии по прашање на истополовиот брак, 74% од демократите изразиле поддршка, како и 71% од независните и нешто помалку од половината (48%) од републиканците.

Ова е највисоко ниво на поддршка откако почна спроведувањето на овие анкети во 1996, кога само 27% од анкетираните беа за брачна еднаквост.

Нивото на поддршка во 2017 е дури и поголемо кога станува збор за истополовите врски без брак, каде 72% од испитаниците рекле дека на лицата од ист пол треба законски да им се дозволи да бидат заедно.

Мнозинската поддршка на истополовите врски била за прв пат забележана во 2001 година, додека мнозинската поддршка за истополовите бракови за прв пат била забележана десет години подоцна во 2011 година. Новото истражување исто така открива дека, за прв пат, мнозинството (55%) од протестантите и христијаните кои не се католици го поддржуваат истополовиот брак, додека 65% од католиците се изјасниле во корист на брачната еднаквост.