Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)

Суштината на целиот систем на Обединетите Нации е почитта кон човековите права кои важат за сите и се применливи во секоја ситуација без оглед кои сте, како изгледате и кого сакате. Ова се основните начела кои се наведени во универзалната декларација за човековите права која ја почитуваат сите држави-членки на ОН.

Ова денеска (17 мај) на одбележувањето на Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата (IDAHOT) го истакна постојаниот координатор на Обединетите Нации, Луиза Винтон, која рече дека за жал постојат многу земји во светот каде овие законски права не се пренесуваат како суштински, како реални права за луѓето кои живеат во нив, пренесува Македонската информативна агенција (МИА).

„Постојат 77 земји во светот каде односот меѓу поединци од ист пол сѐ уште се смета за кривично дело, а во пет земји тоа се казнува со смртна казна. Дури и кога овие права се загарантирани во законите на некои од државите, сепак, хомосексуалците сѐ уште се соочуваат со сериозни проблеми на терен, се соочуваат со насилство, со понижување и со друг вид несоодветно однесување“, посочи Винтон.

Потенцира дека Организацијата на Обединетите Нации целосно ги почитува човековите права, ги поддржува активистите во државата кои се занимаваат со заштита и промовирање на правата на ЛГБТИ заедницата со цел да нема дискриминација врз основа на сексуалната ориентација или родовиот идентитет (СОРИ).

„За жал овие два критериуми сѐ уште отсуствуваат од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Го повикуваме политичкото лидерство во земјата да се заложи за ова, бидејќи без јасна политичка волја за жал насилствата кои се случуваат против членовите на ЛГБТИ заедницата, остануваат неказнети. Очекуваме дека овој ден нема да се означува и да се прославува како ден за борба против нешто, туку ќе се означува како ден во кој ќе се радуваме на различноста на сите различни карактеристики кои ги имаат луѓето во овој свет“, додаде Винтон на настанот кој се одржа денес во Скопје во рамки на одбележувањето на IDAHOT.

Антонио Михајлов, претседател на невладината организација „Субверзивен Фронт“ од Скопје рече дека во Република Македонија статусот и правата на ЛГБТИ лицата се во загрижувачка состојба:

„Сведоци сме на неколкугодишно тотално неказнување на кривичните дела од омраза засновани на СОРИ. Имаме многу голем број случаи на дискриминација врз овие лица кои не се пријавени, самите жртви не се охрабрени да ги пријавуваат. Не постои никаква правна рамка овие лица да си ги остварат своите права.“

Холандскиот амбасадор Вутер Пломп рече дека борбата за правата на лезбејките, геј мажите, бисексуалните, трансродовите и интерсексуалните луѓе е важен дел од политиката за човекови права на Холандија.

„Се залагаме за декриминализација на хомосексуалноста, значи тоа да се извади од Кривичниот законик. Се залагаме против дискриминација каде и да се случува таа, дали на работното место или во пошироката заедница и се залагаме за поширока прифатеност на ЛГБТИ луѓето во целиот свет“, додаде Пломп.