Дома Секс и здравје

Мажите со недетектабилно ниво на ХИВ не го пренесуваат вирусот, открива нова студија

Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)
Фото: John McRae via Eva Rinaldi/Flickr

Истражувањето кое вчера беше презентирано на меѓународната конференција за ХИВ во Париз покажува исклучително охрабрувачки резултати.

Обемното истражување наречено „Спротивностите се привлекуваат“ беше спроведено со помош на 343 истополови двојки од Австралија, Тајланд и Бразил, каде едниот партнер бил ХИВ негативен, а другиот ХИВ позитивен.

Кај секој пар, ХИВ позитивниот партнер имал успешен ХИВ третман, што значи дека нивото на присуство на ХИВ кај овие луѓе било недетектабилно.

И покрај тоа што учесниците вкупно имале 16.889 незаштитени анални сексулни односи (без употреба на кондом), истражувачите не успеале да најдат ниту еден случај на пренос на вирусот од едниот на другиот партнер.

Овие резултати само ја поткрепуваат студијата „ПАРТНЕР 2016“, која покажа дека луѓето кои се ХИВ позитивни и земаат третман што целосно го потиснал вирусот, не можат да го шират вирусот преку сексуални односи.

Кога ќе се земат предвид и двете студии, нема ниту еден случај во скоро 40.000 акти на незаштитен анален секс каде се случила трансмисија на вирусот.

НАМ“ е една од најголемите снабдувачи со информации за ХИВ. Нивниот извршен директор Метју Ходсон ги поздрави новите резултати.

„Долги години ние, луѓето со дијагностициран ХИВ, живеевме со идејата дека нашите тела се опасни. Тоа имаше длабоко емотивно влијание на многу луѓе. Ова е одлична вест за луѓето со ХИВ кои се плашат да имаат сексуални односи поради страв дека ќе го пренесат вирусот, или пак за оние кои се во интимна врска со ХИВ позитивно лице, а чие сексуално задоволство е попречено поради страв. Превентивното влијание на ефективниот ХИВ третман го подвлекува значењето на достапноста на лекувањето и потребата од подобрување на третманот за сите луѓе во светот кои живеат со ХИВ“, изјави Ходсон.