Порано неделава, германската канцеларка Ангела Меркел неочекувано ги отвори вратите за брачната еднаквост, изјавувајќи дека ќе дозволи претениците во парламентот да гласаат по ова прашање според сопствено убедување.

Претходно таа се противеше на евентуалното воведување на брачна еднаквост во земјата, изјавувајќи дека за неа бракот е заедница меѓу маж и жена, но 75% од Германците сметаат дека треба да се легализира истополовиот брак.

Социјалдемократската партија која е коалиционен партнер во владата на Меркел, Партијата на Зелените и Партијата на слободни демократи се залагаат за рамноправен пристап до бракот за истополовите парови. Единствено партијата на Меркел, односно Христијанско-демократската унија и коалициониот партнер Христијанско-социјалната унија во Баварија се против.

Во секој случај, и покрај водството на Ангела Меркел на анкетите во пресрет на изборите во септември, малку веројатно е дека ќе освои доволно гласови за сама да состави влада, па повторно ќе мора да коалицира со други партии.

А за повеќето партии, брачната еднаквост е предуслов за коалицирање. Социјалдемократите дури ветија брачна еднакво во првите 100 дена.

Огромниот политички и народен притисок ја притискаат Меркел да го напушти конзервативниот столб на германското општество и да ги следи чекорите на другите прогресивни западни земји. Но таа никогаш порано немаше попуштено, па зошто би попуштила сега? Како одеднаш стана веројатно тоа дека геј двојките до крајот на неделава би можеле да добијат можност да се венчаваат?

Нејзиното противење на брачната еднаквост таа порано го правдаше со наводниот ризик на истополовиот брак за „благосостојбата на децата“. Но се испостави дека една едноставна средба со истополови родители од реалниот живот и разговорот со нив, кај Меркел промениле многу во нејзиниот став.

Зборувајќи на еден настан со магазинот Брижит, таа раскажа: „Имав искуство во мојата изборна единица кое ми го промени животот“. Таа на публиката ѝ кажа дека била поканета на вечера со една лезбијска двојка која била згрижувачко семејство на осум деца. Канцеларката видела дека децата добиваат соодветна нега и сфатила дека нејзините верувања, и оние на нејзината партија, биле неосновани. „Ако социјалната служба за млади ѝ доверила на една лезбијска двојка да се грижи за осум деца, тогаш државата не може повеќе да ја користи благосостојбата на детето како аргумент против посвојувањето“, изјави Меркел.

Секако, ова можеби е само приказна која ја користи германската канцеларка за да ретерира од претходниот став. Во реалноста, огромниот притисок придонесе да биде политички невозможно за неа да се опира повеќе.

Мартин Шулц, лидерот на германската Социјалдемократска партија, твитна во вторникот: „Ќе одлучуваме за брачната еднаквост. Оваа недела“. И официјално е потврдено: гласањето за истополовиот брак е закажано за овој петок. Предлог-законот што ќе се најде пред парламентарците предидува целосни брачни права и можност за посвојување на деца за истополовите парови.