Дома Вести Македонија

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски ќе го отвори ЛГБТ+ викендот на гордоста во Скопје

Роберт Алаѓозовски (Фото: Министерство за култура на РМ)

Изложбата на Касилс, денес од 20:30 часот во Мала Станица, со која започнува Викендот на гордоста во Скопје, ќе ја отвори министерот за култура Роберт Алаѓозовски, што претставува историски чекор, бидејќи вакво нешто се случува прв пат во Македонија – министер за култура да отвори културно-уметничка манифестација, која во преден план ја има квир културата и прашањата за родот и сексуалноста – посочува Славчо Димитров, еден од организаторите.

Фото: Robert Alagjozovski/Facebook

„Сегашната влада уште во предизборието се заложи, се обврза дека ќе преземе серија чекори коишто ние ги имавме изложено како барања, а коишто сметаме дека се први, клучни и нужни чекори за подобрување на ситуацијата со човековите права на маргинализираните заедници, вклучително ЛГБТИ популацијата“, вели Димитров од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“. „Исто така, во друга прилика, ги кажаа јасно своите заложби во однос на серија прашања што се однесуваат на оваа заедница и мислам дека дефинитивно ќе има промена на ситуацијата. Веќе покажуваат интерес и отвореност за средби, да дискутираме за нештата коишто се приоритетни“, додава тој во интервјуто за новинската агенција Макфакс.

„Целта на серијата настани во рамките на Викендот на гордоста во Скопје е да креираат простор за ненормативни форми на социјални светови, односно релации, идентитетски позиции, и телесни стилови, кои во рамките на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, изродени, ненормални, неуспешни, патолошки, чудни итн. Носечка идеја зад овогодишниот Викенд на гордоста се ТРАНС-ФОРМАЦИИТЕ. Со оваа носечка идеја сакаме да ги отвориме прашањата за различните општествени и културни норми со кои се врамува човековата телесност, особено преку оските на родот и на сексуалноста. Уште позначајно, сакаме да ги претставиме и да експериментираме и со можностите за отпор и лизгање од нормативните решетки, токму преку самата телесност“, информираат организаторите на овогодишниот Викенд на гордоста во Скопје.

Фото: Skopje Pride Weekend

Касилс е меѓународно признат уметник по ригорозниот ангажман со телото како форма на социјална скулптура. Прикажувајќи серија тела трансформирани со посредство на строг режим на физички тренинг, уметничките дела на Касилс нудат споделени искуства за промислување на историите на насилството, застапувањето, борбата и опстанокот. Касилс ја поставува неодложноста, итноста и минливоста на перформансот изведен во живо, наспроти дела смислени за пред камера, со цел да се предизвика „документарниот фактор на вистината“ на сликите. Спротивставувајќи им се на родовите бинарности, Касилс не ја изведува трансродовоста како премин од еден во друг пол, туку како непрекинат процес на постанување, еден вид форма на отелотворување, која функционира во просторот на неодреденоста, згрченоста и непостојаноста. Црпи од концептуализмот, феминизмот, боди-артот, машката геј-естетика, при што создава серија моќни, вежбани тела за различни перформативни цели. Со посредство на потта, крвта и мускулите, Касилс конструира визуелна критика околу идеологиите и историите. Поставувањето на оваа изложба беше овозможено со поддршка на Националната Галерија на РМ – Мала Станица.

Викендот на гордоста во Скопје се одржува по петти пат, а годинава нуди богата програма која дефинитивно ќе го задржи вашето внимание.

Судејќи според промо-настанот за Skopje Pride Weekend, минатата седмица, кога се одржа вечер на раскажување квир приказни насловена „Срамота“, која предизвика огромен интерес кај публиката, исполнувајќи ја до последното столче салата во Кино Култура, каде некои луѓе буквално седеа на подот и стоеја од двете страни, и исклучително позитивните реакции на посетителите, нѐ очекува навистина возбудлив продолжен викенд на уживање и забава.