Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)

Најголемата авиокомпaнија во Исланд објави симпатична реклама со истополова двојка. Двајца геј мажи се ѕвездите во рекламата, која ќе биде споделена на сите платформи на „Icelandair“ на социјалните мрежи.

Рекламата не се осврнува примарно на фактот дека ликовите се геј, туку ја третира нивната врска со вообичаениот срдечен однос кон љубовта.

Парот прави сѐ што би правеле останатите хетеросексуални вљубени парови кои се туристи во Исланд: ги посетуваат огромниот водопад Галфос, еден гејзер и Сината лагуна, и ги гледаат северните светла (aurora borealis).

Двајцата мажи исто така одат да јаваат коњи, ручаат во ексклузивен ресторан и се релаксираат во сауна, како и останатите парови во Исланд.

Од компанијата „Icelandair“ објаснуваат дека имаат „разнолика клиентела“, па оттука природно дека сакаат нивните рекламни материјали да го одразуваат тоа, па затоа целат кон маркетинг пристап што посега по одредени групи. Во случајов, тоа е групата на луѓе кои патуваат со нивните сакани за да уживаат во она што има да го понуди животот. За таква реклама им изгледало соодветно да искористат средовечна двојка бидејќи тоа се покажало продуктивно во минатото. Но овој пат помислиле, зошто да не ја направат уште поразнолика, така што заљубената, средовечна двојка да биде истополов пар. Од компанијата додаваат дека сметаат оти е природно и нормално рекламата да го портретира диверзитетот. ЛГБТ+ луѓето уживаат во патувањето како и сите други. Всушност, тие можеби имаат зголемена фреквенција на патување од останатите групи. Со оваа реклама, „Icelandair“ има можност да демонстрира општества одговорност, предизвикувајќи ги малку стереотипите кои често се прикажани во рекламите.

Исланд ја имаше првата премиерка во светот која беше отворено лезбијка, Јохана Сигурдардотир, а која беше на функција од 2009 до 2013 година.

За време на нејзиниот мандат беше легализиран истополовиот брак во Исланд (2010), а таа беше меѓу првите луѓе кои ги искористија законските измени.

Во 2015 година, една од најфреквентните улици во главниот град Рејкјавик беше обоена со огромно виножито во пресрет на градскиот настан на гордоста.

А минатата година, исландската авиокомпанија „WOW air“ го промовираше нивниот огромен розов авион именуван „GAY“, во чест на геј движењето.