Проминентниот руски весник „Новаја Газета“ ги објави имињата на 27 геј мажи за кои се верува дека биле убиени за време на „чистката“ на хомосексуалци во Чеченија. Медиумот за прв пат ги обелодени гласините за прогонот на ЛГБТ+ луѓето во оваа руска република во април годинава, а сега за прв пат ги објави имињата на геј мажите за кои редакцијата на весникот верува дека биле егзекутирани во текот на една ноќ од страна на чеченските власти.

Цитирајќи два анонимни извори, весникот тврди дека мажите биле убиени во нелегална масовна егзекуција која била спроведена од чеченските безбедносни сили во градот Грозни, ноќта меѓу 25 и 26 јануари годинава, откако претходно неколку недели биле држени во притвор без да биде покренато обвинение против нив. Новаја Газета пишува дека извор во руското министерство за внатрешни работи им ги дал имињата на мажите за кои постои сомнение дека се жртви и дека нивните новинари не можеле да лоцираат ниеден од нив.

Најмладите жртви биле на возраст од само 18 години кога биле убиени.

Новаја Газета вели дека дури 56 мажи можеби ги изгубиле нивните животи во масакрот, а телата на жртвите биле „однесени на повеќе гробишта, вклучително и на христијански, каде биле погребани во набрзина ископани гробови“.

Весникот исто така вели дека донеле одлука да ја објават листата со имиња на оние за постои сомнеж дека биле убиени бидејќи руската влада потфрлила соодветно да ги истражи тврдењата за наводната „чистка“ во Чеченија.

Од весникот додаваат дека имињата ги проследиле заедно со останатите наоди до рускиот истражен комитет и го повикале телото да отвори кривична истрага.

Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров во повеќе наврати ги негираше наводите за насилство под покровителство на државата против чеченската геј заедница, одејќи дотаму што го негираше дури и постоењето на геј мажи во регионот.

Масовните апсења на околу двесте мажи во Чеченија наводно започнале во средината на декември 2016 година, со рации во Грозни, Курчалој и Шали.

Според досегашните информации и сведоштва од преживеаните, жртвите биле држени заедно во привремени затвори налик концентрациони логори, каде биле тортурирани, тепани и убивани од страна на безбедносните сили.

Имињата на геј мажите за кои се верува дека биле убиени во Грозни, ноќта меѓу 25 и 26 јануари, заедно со датумот на раѓање, можете да ги погледнете овде.