Дома Вести Македонија

Отец Ивица Тодоров е за истополови партнерства, додека бракот е привилегија само за божјите чеда

Фото: презвитер Ивица Тодоров/Facebook

Телевизија 24 организираше една тотално депласирана дискусија на тема „Македонија и правата на ЛГБТ заедницата“, без претставник од истата таа заедница или од организациите кои работат во доменот на правата на ЛГБТ+ луѓето. Освен можеби психологот Мирјана Стојановска Јовановска, на останатите двајца гости воопшто не им беше местото во оваа дебата – првиот, Бојан Јовановски кој е некомпетентен да зборува за ЛГБТ+ правата и вториот, презвитер Ивица Тодоров од МПЦ-ОА кој е нерелевантен на оваа тема.

Иако не би сакале да бидеме погрешно сфатени дека се мешаме во уредувачката политика на телевизијата или на авторите на емисијата, сепак, кога се организира дебата на вака сензитивна тема, мора да се внимава на изборот на гостите и нивната лична и професионална позадина, а со цел прашањата соодветно да се адресираат. Јовановски во граѓанскиот активизам и човековите права е нов и неискусен, а особено кога тоа станува за правата на ЛГБТ+ луѓето, што и самиот го потврди – тој ниту е детално запознаен со предизвиците и проблемите со кои се соочува оваа заедница, со нејзините барања, а по најмалку може да зборува за законско адресирање на недостатоците во легислативата за да се осигура рамноправност на овие граѓани во повеќе сфери на нивното битисување. Тодоров, пак, како претставник на Црквата не треба да има збор во уредувањето на правата на ЛГБТ+ луѓето, или да зборува за легализација на граѓанскиот брак, што не е исто што и црковен брак, пред сѐ, бидејќи никој го нема отворено прашањето за црковни бракови, туку во јавноста се актуелизираше потребата од отворањето на граѓанскиот брак (како правна институција) за истополовите двојки, што е прашање на законско уредување, а Република Македонија е секуларна држава според Уставот, па така религијата не треба да се меша во оваа дискусија.

Според Тодоров, граѓанските активисти го злоупотребуваат концептот на човекови права за да ЛГБТ+ луѓето дојдат до некакви „привилегии“, иако Црквата и свештените лица се тие што се привилегирани во однос на останатите граѓани бидејќи ниту плаќаат персонален данок на доход, ниту данок да добивка за црковните услуги што ги наплаќаат (односно за верските обреди кои ги извршуваат свештениците на Македонската православна црква), ниту пак плаќаат данок на имотот за своите поседи, кои постојано растат.

Тодоров смета оти тоа што ѝ се случи на Германија, легализирањето на истополовиот брак и овозможувањето на посвојување на деца од страна на истополови двојки, е катастрофа. Овој растечки тренд во светот, според него, е резултат на дејствувањето на овие структури кои имаат за цел да го променат „вистинското значење на бракот“, како „љубовна заедница меѓу маж и жена“.

Фејсбук статус на презвитер Ивица Тодоров, 12 јули 2017 година

„Само таквата заедница може да премине во семејство, затоа што само личности од спротивен пол го имаат тој дар од Творецот, да можат на еден мистериозен начин за нас, да ја дадат биолошката основа на новата личност која треба да се роди во овој свет, за духовната е малку покомплицирано. Раѓањето на децата е мистерија. Не може ние да го гледаме како некаков акт кој е за нас, како да кажам, крајно рационален, или математички, или хемиски итн. Тоа е мистерија, раѓањето на децата, и затоа е многу битно во каква состојба, ментална, биолошка, психолошка и духовна, ќе бидат родителите на кои ќе им се родат деца. Значи, тие деца освен што треба да имаат родителска грижа, на биолошки план, исто така треба на вистински начин да бидат воведувани во тајната на постоењето. Значи, со вистински вредности, со вистински вистини“, вели Тодоров, и додава дека се надева оти овој крајно проблематичен процес, на легализација на истополовиот брак и овозможувањето на постојување деца од страна на истополови двојки, сѐ повеќе и повеќе ќе се успорува.

Тој вели оти бракот и раѓањето или посвојувањето на деца се ексклузивна привилегија само на божјите чеда во хетеросексуална врска, како нешто „природно“ според сфаќањето на Црквата. Оттука, Тородов изведува заклучок дека ЛГБТ+ активистите манипулираат со човековите права, т.е. ги користат како алиби, за да се стекнат со привилегии кои не им припаѓаат. Едукацијата за човековите права во јавноста од страна на овие активисти, според него, е само перење на мозокот на народот и припремање за она што следи.

Значи, вака. Едно семејство пред сѐ го чинат двајца луѓе кои се сакаат. Некои парови можеби ќе одлучат дека не сакаат да имаат деца, или пак не се во можност поради одредени причини (можеби станува збор за стерилност на еден од партнерите, или за истополова двојка), но имаат опција доколку се решат да го прошират своето семејство со подмладок, тоа да го сторат користејќи и алтернативни начини (посвојување дете, сурогат мајчинство или инвитро оплодување) во зависност од околностите. Создавањето дете не е никаква мистерија, туку биолошки процес познат на медицината, кој може да се случи по природен или по вештачки пат. За МПЦ, во продолжение, еве кратка демонстрација како изгледа природно оплодување на една жена.

Децата треба да се учат на вредности базирани пред сѐ на етиката, а не на црквата, бидејќи вторава има често рудиментарни сфаќања за доста нешта.

Бојан Јовановски (исто така познат во јавноста како Боки 13) изјави дека ниту е ЛГБТ+ активист, ниту припаѓа на оваа заедница, ниту некогаш делувал јавно, ниту бил дел од такви проекти, туку е општо борец за човекови права.

Тој рече дека е православен христијанин, но не смета дека наметнувајќи некакви „традиционални“ вредности треба да се дискриминираат одредени категории луѓе, на што Тодоров му реплицираше дека тоа се всушност „божји“ вредности, и ако се нарекува себе православен христијанин и ја прифаќа таа вистина, тогаш во потполност треба да ја живее и сведочи таа вистина.

„Црквата воопшто нема проблем да има позитивен однос со оние луѓе кои имаат различна сексуална ориентација од ред причини. Ние, како христијани, немаме проблем во однос на луѓето кои имаат различна сексуална ориентација. Целата прикаска е, што ние имаме проблем со џендер идеологијата и ЛГБТ идеологијата, со злоупотребата на човековите права, и со барање на привилегии кои не доаѓаат од правата кои ги бараат тие. Тоа е злоупотреба. Ние, христијаните ќе се бориме, како што сме се бореле во минатото, за задржување на вистинското значење на бракот и семејството. Ако тоа се изгуби, тогаш ќе се изгуби смислата на нашето постоење. Тогаш ќе дојде до тотална девалвација на општеството. Гледаме што се случува во Западниот свет, како некои политички структури го отвораат прашањето за релативизирање на тоа што е брак. Ве молам, како тоа“, изјави Тодоров за време на дебатата.

„Некои хомосексуални двојки, кои можеби имале негаторски однос кон брак, сега сакаат своето заедништво да го наречат брак, иако општеството им дава можност и на друг начин тоа да го дефинираат, како партнерство, заедничко живеење пред законот со договор, околу проблемот на наследство, еден куп други работи кои навистина треба да се дефинираат во општественото живеење. Но, привилегија е да добиеш нешто, што ти не си или не можеш да го имаш, а тоа е злоупотреба на човековите права“, додаде Тодоров.

Погрешно. Во Македонија не се регулирани истополовите вонбрачни заедници, ниту постојат регистрирани граѓански партнерства за истополовите двојки.

Правата и обврските што произлегуваат од бракот и регистрираното граѓанско партнерство е исклучително важно да бидат достапни за сите луѓе подеднакво, бидејќи основно човеково право е правото на семеен живот. Италија изгуби спор пред Европскиот суд за човекови права поради непостоењето на таква правна институција за истополовите двојки, што беше протолкувано како дискриминација кон геј заедницата, и ѝ беше наложено да го коригира тоа, што и го стори во 2016 година – овозможи склопување цивилна унија меѓу лица од ист пол, давајќи им скоро исти права како на паровите во брак, освен правото на посвојување на деца. Но исто така, со тоа на земјите-членки на Советот на Европа им се постави позитивна обврска да го направат истото.

Република Македонија стана членка на Советот на Европа во 1995 година.

Запрашан каква е таа џендер идеологија против која е Црквата, тој објасни: „Првата цел на таа идеологија е да се релативизира полот – да нема пол – да нема машки пол, женски пол. Џендер, тоа значи да имаме различни доживувања на полот. Во светот веќе има 32 начини на доживување на полот. А ЛГБТ идеологијата што е, само се продолжува тоа, Л-Г-Б-Т-И-К и така натаму“.

Погрешно. Прво, џендер (анг. gender) не значи пол, туку род. Родот се наоѓа во главата. Второ, никој не го спори тоа дека постојат два пола. Полот се наоѓа меѓу нозете. Трето, покрај луѓето кои се идентификуваат со примарните родови, машки и женски, постојат луѓе кои се идентификуваат и како родово-неутрални, родово-флуидни итн., што е легитимно право на човекот. Небинарните луѓе излегуваат надвор од бинарната логика за родовите.

Уште многу контрадикции беа кажани во емисијата, но погледете самите.