Дома Вести Македонија

Платформа за пријавување и мапирање говор на омраза

Хелсиншкиот комитет во рамките на проектот „Интернет платформа за мапирање и следење на говорот на омраза во јавниот простор и медиумите“ поддржан од Национален фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави ја изготви интернет платформата за мапирање на говор на омраза во Република Македонија достапна на интернет адресата govornaomraza.mk.

Промоцијата на платформата и премиерното прикажување на анимацијата која има за цел да ги поттикне сите граѓани да се вклучат во пријавувањето на говор на омраза во медиумите и јавниот простор ќе се случи во среда, 02 април 2014 година, со почеток во 13 часот во кафе барот „Концепт 37“ лоциран на ул. Франклин Рузвелт 37 во Скопје. На настанот ќе говорат Уранија Пировска – извршна директорка на МХК, Јасмина Голубовска – проектна координаторка и Неда Чаловска – правна советничка.

Покрај промоцијата на платформата, ќе се оддржи и кратка панел дискусија во која учество ќе земат Борјан Јовановски (уредник на Нова ТВ), Ацо Кабранов (уредник на Либертас) и Катарина Синадиновска (претседателка на Совет за етика на медиумите – СЕММ). Учесниците во панелот ќе разговараат на тема: „Говор на омраза: Улогата на медиумите во ширење на говор на омраза, лични искуства и улогата на Советот на етика“.

Од Хелсиншки комитет се надеваат дека оваа платформа ќе придонесе граѓаните да станат активни чинители во борбата против говорот на омраза, имајќи предвид дека е застапен во секоја сфера од општественото живеење.

Покрај останатите основи, на оваа платформа можете да пријавите и говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет. Тоа можете да го сторите со користење на iPhone или Android апликација, со испраќање електронска пошта на [email protected], со твитнување со хаштагот #prijaviomraza или со пополнување на формулар на интернет страницата.