Дома Вести Свет

Повторни смртни закани кон ГСА

Геј стрејт алијанса (ГСА; Алијанса) од Република Србија ја извести јавноста дека повторно ѝ биле упатени смртни закани, овој пат преку електронската пошта на организацијата. Најновите смртни закани кон Алијансата се најбруталните досега и во нив експлицитно се повикува на убивање и колење на членовите и раководството на ГСА.

Имено, вчера попладне и во текот на ноќта, а преку контакт формуларот на нивната веб-страница која автоматски ги испраќа сите пораки на електронската пошта на организацијата, ГСА примила две заканувачки пораки со многу слична содржина во кои се прети со смрт, се повикува на убиство на членовите на ГСА и „чистка“ на оваа организација од Србија.

Со овие заканувачки пораки се повикуваат членовите на Српската радикална партија и ултрадесничарските движења Образ и Наши „да ги земат ножевите во рацете и да започнат да ги колат сите членови на Геј стрејт алијансата“. Понатаму во пораките се повикува на чистење на Србија од тие „педерски организации“ и на „немилосрдно убивање“ на членовите на ГСА. Исто така, во пораките се навредува и претседателот на Алијансата и се повикува на негово убиство. Двете пораки завршуваат со зборовите „И со среќа колењето“, едната потпишана со „Младен Обрадовиќ“, а другата со „Ратко Младиќ“.

Геј стрејт алијансата овие претења ги пријавила во полиција и бара од Министерството за внатрешни работи и сите други надлежни државни институции и органи итно да ги пронајдат сторителите на ова кривично дело и да ги изнесат пред лицето на правдата. Алијансата и порано преку електронска пошта или преку социјалните мрежи добивала пораки во кои воглавно се навредува ЛГБТ популацијата, но нагласува дека никогаш досега на таков начин не добила вакви брутални и експлицитни смртни закани.

ГСА потсетува дека во нивната организација и пред дваесетина дена се упатени смртни закани преку нејзиниот СОС телефон, што исто така се случило прв пат откако постои оваа организација. Меѓутоа, според информациите со кои располага оваа организација, овој случај сè уште се наоѓа во обвинителството и не е проследен на полицијата на решавање, што се „правда“ со новиот Закот за кривична постапка и неговата спорост, па така сега шансите да се реши овој случај се занемарливо мали. Исто така, во меѓувреме раководството на ГСА било изложено на уште една, во најмала рака, чудна и сомнителна безбедносна ситуација, но со навремена реакција на полицијата истата е решена на адекватен начин.

Имајќи го сево ова предвид, ГСА најновите смртни закани ги сфаќа исклучително сериозно. Со оглед на тоа дека Алијансата се занимава со осетлива област и нејзиното долгогодишно искуство во работата, како и во соочувањето со разни безбедносни предизвици, несомнено е дека оваа организација станала нечива мета во последните неколку седмици. Без разлика кој стои позади тоа, а можностите се разни, ГСА ги повикува сите надлежни органи ова што се случува да го сфатат крајно сериозно, итно да реагираат и да ги искористат сите законски можности како би ги заштитиле активистите на ГСА и другите бранители на човековите права и како не би дошло до многу негативни последици.

Во атмосфера на линч која повторно се создава во Србија со закани кон организацијата Жени во црно и новите списоци на „издајници“ кои ги прави ултрадесничарската организација Наши (потсетуваме дека ГСА беше една од невладините организации кои се нашле на нивниот „црн список“), Алијансата смета дека е потребно да се вложи максимален напор и од државните институции и од невладиниот сектор и од меѓународните организации, општеството во кое живееме да стане потолерантно и конечно да се санкционира насилството, а оние кои вршат насилство и кои претат адекватно да се казнат.

„ГСА ќе продолжи со својата работа на подобрување на положбата на ЛГБТ луѓето во Србија на професионален и коректен начин како што тоа го правела и досега. Но, исто така, ја повикува државата и нејзините институции јасно да кажат дали имаат намера на ефикасен начин да се посветат на системско санкционирање на заканите и насилството и да ги заштитат бранителите и бранителките на човековите права во Србија или ќе мораме да се штитиме сами?“ – велат од Геј стреј алијансата во нивното соопштение.