Дома Вести Свет

Премиерката на Србија: Никогаш не сум имала проблем во земјата поради мојата сексуалност

Ана Брнабиќ (Фото: Marko Djurica/Reuters)

Премиерката на Србија, Ана Барнабиќ, која е првата жена и воедно јавно декларирана лезбијка на чело на српската влада, во интервју за CNN изјави дека нејзината сексуалност за неа никогаш не била проблем во земјата.

Барнабиќ беше назначена на премиерската функција од српскиот претседател Александар Вучиќ (од редовите на конзервативната Српска напредна странка), со што стана една од тројцата геј политички лидери кои моментално се на функција во светот. Останатите двајца се Лео Варадкар, премиерот на Ирска и Ксавие Бетел, премиерот на Луксембург. И двајцата на функција во земји каде е постигнат голем напредок апропо ЛГБТ+ правата, што не е случај во Србија.

Барнабиќ во интервјуто за CNN изјави: „Јас сум јавно декларирана лезбијка речиси целиот мој живот и никогаш не сум имала проблем во Србија. Би сакала да мислам дека Србија не е толку конзервативна или хомофобична, или пак ксенофобична. Има место за напредок и промени, и секако сѐ уште постојат луѓе кои мислат дека „тоа не е во ред, дека тоа не е дел од нашата традиција и вредности“, но мислам дека таквите луѓе се малцинство. Гласни се, но сепак се малцинство. Чувствувам дека имам огромна поддршка од луѓето во Србија“.

Таа посочи оти српската влада не е ниту проамерикански ниту проруски туку е просрпски ориентирана, посветена на подобрување на животот на граѓаните.

„Наша стратешка определба е Европската унија. Отсекогаш сме имале една и иста порака – одиме кон ЕУ. Русија е наш пријател и економски партнер, ништо повеќе од тоа“, рече таа во интервјуто кое е достапно да го погледнете погоре.