Дома Вести Македонија

Премиерот Заев во Трст се сретна со Ана Брнабиќ, првата жена и лезбијка на чело на српската влада

Средба на премиерите на Македонија и Србија, Трст, 12 јули 2017 година (Фото: Танјуг/Влада на Република Србија)

Премиерот на Македонија, Зоран Заев во рамки на Самитот „ЕУ – Западен Балкан“ што се одржува во Трст, меѓу останатите билатерални средби кои ги оствари денес (12 јули), се сретна со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

Премиерите Заев и Брнабиќ на средбата констатирале дека постојат услови за продлабочување на односите меѓу двете држави, како и дека тоа ќе биде силна порака кон ЕУ, за европска интеграција на земјите од Западен Балкан.

Средба на премиерите на Македонија и Србија, Трст, 12 јули 2017 година (Фото: МИА/Влада на Република Македонија)

Има заедничка согласност, се наведува во соопштението, дека на граѓаните на Македонија и на Србија им е неопходен економски развој и дека тој е можен само преку вистинска регионална соработка. Во таа насока се разговарало околу поддршката во државите на старт ап центри коишто отвораат можност за нови работни места. Се зборувало и за регионално поврзување на младите, како и за размена на искуства во дигиталната информатичка технологија. Со тоа, премиерите Заев и Брнабиќ оцениле дека може да се придонесе кон интересот што го имаат и двете држави, да го спречат одлевањето млади, квалитетни луѓе во странство и мотивација на оние кои заминале, да се вратат.

Премиерите, придружувани од министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Ивица Дачиќ изразиле согласност сите отворени прашања на двете пријателски земји да се решаваат низ конструктивна соработка и дијалог.

Ана Брнабиќ е петтиот лидер во светот, шеф на влада, што има хомосексуална ориентација. Функцијата премиерка на Србија ја презеде минатиот месец.