Дома Вести Македонија

Претседателски кандидати, што е со нас?

„Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на општо човечката припадност.“ – вели членот 1 од Универзалната декларација за човекови права. За жал, некои од малцинските заедници, вклучително ЛГБТИ заедницата, сè уште се предмет на дискриминација и насилство во нашата држава.

Во пресрет на претседателските избори кои ќе се одржат во недела на 13-ти март 2014 година, редакцијата на рубриката квир магазин при Женска Алијанса реши да им постави на кандидатите за претседател три прашања на кои по писмен пат побаравме одговори. Досега ЛГБТИ лицата и темите врзани за нив се користеа како дежурни виновници за лошите оценки за состојбата со човековите права и слободи од страна на меѓународните фактори или за меѓупартиски препукувања кога некои сметаа дека е потребно да се одвлече вниманието на јавноста од реалните проблеми во земјата.

Овој пат, одлучивме да ставиме крај на таа практика. Затоа љубезно ги замоливме претседателските кандидати да одговорат на следните унифицирани прашања.

  1. При носењето на Законот за спречување и заштита од дискриминација беа изоставени сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Што мислите за тоа? Дали сметате дека има или нема потреба од нивно дополнително внесување во законот како едни од основите за дискриминација?
  2. Што Вие ќе сторите за подобрување на положбата и човековите права на ЛГБТИ лицата во Република Македонија?
  3. Дали сметате дека се потребни едукативни кампањи за поткревање на јавната свесност за хомофобијата и трансфобијата, како и неопходноста од борба против овие појави во општеството? Дали и Вие, како иден претседател на сите граѓани, би биле дел од една таква кампања?

Во интерес на поддршка и јакнење на граѓанското општество и демократските процеси, нивните одговори ќе бидат интегрално пренесени на нашата веб-страница.