Актерот од американската серија „Господин Робот“, Рами Малек е последната ѕвезда која се поврзува со долгонајавуваниот биографски филм за фронтменот на музичката група „Queen“ (Квин), Фреди Меркјури. И покрај гласините кои кружеа со месеци, подготовките за снимањето на филмот конечно се во тек.

Queen OnLine, официјалниот сајт на бендот, објави соопштение за јавноста во кое се осврнува на некои од најгорливите прашања во врска со филмот.

„Да, народе, конечно се случува“, напишаа тие. „Долго време слушавте гласини за филмот „Bohemian Rhapsody“ (Боемска рапсодија), но отсега Queen OnLine ќе биде вашиот директен извор на официјални информации во врска со него“.

Фреди Меркјури (Фото: Steve Jennings/WireImage)

Покрај тоа што потврдија дека Малек ќе ја толкува главната улога, Роџер Тејлор и Брајан Меј изјавија: „Рами е целосно посветен на проектот. Тој комплетно живее и дише во духот на Фреди“. Тие го открија и режисерот на проектот: „Наградуваниот режисер Брајан Сингер е човекот кој ќе ја оживее приказната за Квин и Фреди. Ако сте ги погледнале неговите филмови „X-Men“ и „The Usual Suspects“, знаете дека тоа е режисер со исклучителна имагинација и стил“.

Претпродукцијата ќе стартува следната недела во Обединетото Кралство, а снимањето најверојатно ќе почне кон средината на септември. Претходно се зборуваше дека актерот Саша Барон Коен ќе ја толкува улогата на Меркјури, но тој излезе од проектот поради разминувањето во креативните ставови.