Дома Вести Прајд

Стотици илјади луѓе зедоа учество на ЛГБТ+ парадата на гордоста во Сао Пауло, Бразил

Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)
ЛГБТ+ парада на гордоста во Сао Пауло, Бразил, 18 јуни 2017 (Фото: Nelson Antoine/AP)

Стотици илјади луѓе излегоа на улиците во Сао Пауло (Бразил) во неделата, за да земат учество во една од најголемите геј паради на гордоста во светот.

Во фокусот на овогодишната манифестација беше заканата за бразилската ЛГБТ+ заедница од верскиот фундаментализам, известува Associated Press.

Под гигантското виножитно знаме, славениците од различни возрасти, многумина од нив со блескави перики, ја претворија авенијата Паулиста во шарено море од народ кој исполни повеќе од десет градски блокови.

ЛГБТ+ парада на гордоста во Сао Пауло, Бразил, 18 јуни 2017 (Фото: Nelson Antoine/AP)

Организаторите очекуваа околу три милиони луѓе да се приклучат на 21-та геј парада на гордоста, но полиција не објави проценка на бројот на присутни.

Даниела Меркјури и бразилската поп-ѕвезда Анита настапија на геј парадата на гордоста, чиј фокус беше ставен на секуларизмот и на идејата дека ниту една религија не е закон, без оглед на индивидуалните верувања на луѓето.

„Нашите најголеми непријатели денес се религијата и фундаментализмот“, напиша Клаудија Реџина, од организацијата на парадата, на официјалната фејсбук страница на настанот, предупредувајќи дека некои групи инсистираат на осуда на ЛГБТ+ луѓето и „укинување на правата кои веќе се добиени“.

Истакнувајќи го политичкиот тон, дел од учесниците носеа транспаренти на кои беа прикажани претседателот на САД, Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин облечени како драг кралици. Многумина на парадата го делат чувството дека верските фундаменталисти се закана за нивните права.

„Тие не треба да се мешаат во нашето право на живот, во нашето право да бидеме среќни“, изјави Шејла Стар, драг кралица во нејзините 50-ти години.

Градските власти на Сао Пауло соопштија дека инвестирале преку 400.000 долари во инфраструктурата за парадата на гордоста. Туристи од цел Бразил и Латинска Америка долетуваат во градот за да бидат дел од прославата.

„Гледаме дека религиозните родители имаат многу предрасуди во прифаќањето на сопствените деца“, изјави Андреа Карваљо, координатор на групата „Мајки за диверзитет“, која долета од Санта Катарина во Сао Пауло за парадата.