Дома Вести Свет

Тајпеј наскоро ќе го изедначи правото на платено отсуство за геј вработените во јавниот сектор

Фото: ONOKY/Eric Audras/Getty Images

За прв пат во локалната власт, вработените во градската администрација на Тајпеј, чиишто истополови врски се регистрирани во канцеларијата за домаќинства, имаат право на отсуство за стапување во брак и за раѓање или посвојување дете. Во мај, Уставниот суд им наложи на законодавците да го легализираат истополовиот брак во Тајван најдоцна за две години.

Оваа мерка од градската управа е направена со цел да се осигура дека во меѓувреме вработените во јавниот сектор кои живеат во регистрирана истополова заедница ги уживаат истите права како останатите двојки во брак, но бенефициите сѐ уште не важат за вработените во приватниот сектор.

Од градот изјавија дека новата регулатива е во процес на изготвување и се очекува да биде официјално одобрена од градоначалникот за две недели.

Всушност, градските власти на Тајпеј веќе имаат одобрувано апликации за отсуство заради лични и семејни околности поднесени од страна на вработени со хомосексуална ориентација (во ситуации кога се барале отсуства заради грижа за член на семејството или погреб). Впрочем, регистрираните истополови партнерства се достапни во главниот град на Тајван уште од 2015 година.

Во пресудата од 24 мај годинава, Уставниот суд на Тајван категорично пресече дека ограничувањето луѓето од ист пол да стапуваат во брак е неуставно. Оттогаш, сѐ уште не се усвоени нови закони или амандмани на постоечките.