Дома Вести Свет

Тереза Меј смета дека ЛГБТ+ луѓето во Северна Ирска треба да уживаат еднакви брачни права

Тереза Меј (Фото: Press Association)

Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј даде изјава со која му пркоси на нејзиниот коалиционен партнер, Демократската унионистичка партија, велејќи дека поддржува воведување брачна еднаквост во Северна Ирска.

Конзервативната лидерка Меј мораше да постигне коалиционен договор со Демократската унионистичка партија (ДУП) откако не успеа да обезбеди мнозинство во парламентот на изборите кои се одржаа во јуни годинава.

Од ДУП, пак, се против абортусот и еднаквоста на ЛГБТ+ луѓето и ги блокираа досегашните обиди да се овозможи истополов брак во Северна Ирска.

Меј се осврна на темата за време на вчерашната аудиненција во нејзиниот кабинет, по завршувањето на ЛГБТ+ фестивалот на гордоста во Лондон.

„Знам дека постои загриженост за нашиот договор со ДУП. Сакам сите луѓе да уживаат исти права. Сметам дека ЛГБТ+ луѓето во Северна Ирска треба да имаат исти права како останатите ширум Обединетото Кралство“, изјави таа.

Владата на Обединетото Кралство нема контрола врз брачната еднаквост во Северна Ирска бидејќи тоа го регулира тамошниот парламент. Таму, ДУП во минатото го искористи правото на вето за да го блокира истополовиот брак.

Меј ги пофали ЛГБТ+ активистите и исто така забележа дека ова е симболична година за геј Британците. Следната недела се одбележува 50-годишнината од парцијалната декриминализација на хомосексуалноста во Англија и Велс.

Таа се осврна и на сопственото минато во кое гласала и за и против законски предлози во врска со рамноправноста на ЛГБТ+ луѓето. Пред да стане министерка за женски прашања и еднакви можности за време на владеењето на поранешниот конзервативен лидер Дејвид Камерон, Меј гласаше против правото на посвојување деца од страна на истополови двојки. „Го променив мислењето. Ако тоа гласање беше денеска, би гласала поинаку“, рече таа.

За потсетување, во 2013 година, Меј гласаше за воведувањето брачна еднаквост. „Особено сме горди што брачната еднаквост ќе остане како наследство стекнато за време на владата предводена од мојата партија“, додаде таа.

Таа даде ветување дека ќе се залага за ЛГБТ+ правата ширум Комонвелтот.

И додаде дека Обединетото Кралство јасно ѝ ставило до знаење на руската влада дека чистката на геј и бисексуални мажи во Чеченија е срамна.

Меј исто така изјави дека со нетрпение очекува владата да го ажурира Законот за признавање на родот. Според неа, тоа ќе го направи признавањето на родот „помалку медицинско“ и „помалку интрузивно“ за трансродовите луѓе.