Дома Вести Свет

Трамп мета на критики поради одлуката да им забрани на транс луѓето да служат во војската

Ви се допаѓа написот што го подготвивме за вас? Не заборавајте да го покажете тоа! :)
Доналд Трамп (Фото: REUTERS/Jonathan Ernst)

Највисоко позициониран офицер во Армијата на САД, во врска со најавата на Доналд Трамп дека ќе им забрани на трансродовите луѓе да служат во американската војска, вели засега нема да бидат преземени никакви дејствија.

Генералот Џосеф Данфорд, началник на Генералштабот, им пиша денес на воените лидери за да ги увери дека сѐ уште ништо се нема променето во инклузијата на трансродовите луѓе во американската војска. Во пораката, пренесува Ројтерс, генералот Данфорд вели дека „нема да има модификации на актуелната политика додека министерот за одбрана не ја прими директивата од претседателот на САД, а потоа да издаде упатство за имплементација“.

„Во меѓувреме, ќе продолжиме да ги третираме сите членови на персоналот со почит. И уште поважно, со оглед на актуелната борба и предизвици со кои се соочуваме, ќе останеме фокусирани на остварувањето на нашите мисии“.

Од министерството за правда, пак, чекаат формално упатство од Белата куќа.

Американското здружение на доктори (АМА) порачува дека „нема медицински валидна причина за исклучување на транс лицата од воената служба“.

„Трансродовите луѓе чесно ѝ служат на својата земја и треба да им биде допуштено да продолжат да го прават тоа“, велат тие во соопштението.

Од АМА додаваат дека финансиските трошоци биле „грешка при заокружување во буџетот за одбраната и не треба да се користат како изговор за да им се попречи можноста на американските патриоти да ѝ служат на својата земја“. Велат дека јавното и приватното здравствено осигурување треба да го покрива третманот за родова дисфорија според препораката на докторот на пациентот.

Претседателот на САД, Доналд Трамп и американскиот министер за правда Џеф Сешнс (Фото: Jim Lo Scalzo/EPA)

Администрацијата на Трамп од преземањето на власта постојано се обидува да ги поткопа правата на ЛГБТ+ луѓето. Во најновиот обид да го стори токму тоа, министерот за правда Џеф Сешнс, во еден случај пред апелациски суд, поднесе допис каде тврди дека геј мажите, лезбијките и бисексуалците не се заштитени со Законот за граѓански права од 1964 година, кој ги штити Американците од дискриминација врз основа на раса, пол, боја, религија и природно потекло.

Од ден на ден, САД се повеќе се истакнува со примери на лоши практики и флагрантно кршење на правата на припадниците на ЛГБТ+ заедницата.

Секако, не сите се согласуваат со потезите на администрацијата на Трамп.

Па така, градоначалникот на Остин, Тексас, Стив Адлер во серија твитови ги повика трансродовите луѓе од војската кои ќе останат без работа како резултат на забраната, да повелат да им се приклучат на полициските сили во Остин.

Командантот на морските сили на Обединетото Кралство, адмиралот Алекс Бартон, на Твитер напиша: „Драго ми е што не се движиме во овој правец”.

Во поддршка на трансродовите трупи се огласи и британскиот вицеадмирал Џонатан Вудкок, кој го пофали „диверзитетот“ на британската кралска морнарица: „Толку сум горд на трансродовите луѓе во нашиот персонал. Секогаш ќе ја поддржувам нивната желба да ѝ служат на својата земја“.

Канадската војска, пак, ги повика регрутите од сите сексуални ориентации и родови идентитети да ѝ се приклучат. Тие на Твитер објавија фотографија, на која членовите на воениот оркестар маршираат на ЛГБТ+ парада на гордоста, додека од нивните инструменти се веат знамиња во боите на виножитото.

Во исто време, со влезот на Црна Гора во НАТО, земјата усвои законски измени со кои им се овозможува на ЛГБТ+ луѓето да ѝ се приклучат на војската.

Во меѓувреме, не стивнуваат острите реакции и критики од јавни личности, политичари и организации за човекови права на адреса на Доналд Трамп.

Со оглед на ионака катастрофалниот рејтинг поради низата непопуларни одлуки, тој во моментот е една од најомразените политички фигури.