Дома Вести Македонија

Трансродно дете претепано, ставено во шупа, без храна, љубопитни селани доаѓале да фаќаат сеир

Во синоќешната „Само вистина!“ на Канал 5, Антонио Михајлов, претседателот на Субверзивен фронт се осврна на проблемите и барањата на ЛГБТ+ заедницата и посочи на нефункционалноста и неспособноста на Комисијата за заштита од дискриминација да препознае дискриминација врз ЛГБТ+ луѓето. Душко Миновски, како поранешен претседател на оваа комисија, а сега вработен во МТСП, пак одговори дека тој, а и други членови на комисијата биле компетентни и се труделе совесно да ја извршуваат својата должност.

Миновски рече дека повеќето од пријавите за дискриминација врз основа на сексуалната ориентација биле поднесени до комисијата од невладини организации зашто луѓето не се чувствуваат охрабрени сами да го сторат тоа.

Тој сподели фрапантен случај од неговото работно искуство, за едно момче од внатрешноста на земјава, кое споделило со мајката која била на пониско социо-културно ниво, дека се чувствува како девојче. Мајката ја пренела веста на таткото, кој кога слушнал за тоа, го претепал детето. Го исфрлиле од домот, го ставиле да живее во шупа и еднаш неделно мајката му носела храна, а селаните пак доаѓале и го посматрале детето како да се наоѓа во зоолошка градина.

Од друга страна, Миновски не е за одржување ЛГБТ+ парада на гордоста имајќи ја предвид општествената клима, па отиде дотаму што ги обвини ЛГБТ+ активистите дека намерно провоцираат инциденти, нарекувајќи ги тактизери и интригранти, за да се прикажат како жртви пред Европа, посочувајќи го примерот со ЛГБТ+ центарот за поддршка кој неколку пати беше нападнат додека беше сместен во старата скопска чаршија, а по неговото дислоцирање во центарот на градот не се забележани други напади врз објектот.

Исто така се зачна и прашањето за легализација на истополовиот брак, и иако Миновски смета дека тоа не е проблем, сепак е дециден дека децата треба да растат во „природна“ средина, со мајка и татко, алудирајќи дека сексуалната ориентација на родителите би можела да влијае врз формирањето на детето, па дури и дека постои можност детето може да биде сексуално злоупотребувано.

Миновски во емисијата во повеќе наврати изнесе скандалозни тврдења, а за своите ставови се повикуваше на искуството како социјален работник. Сепак, конзервативните погледи и држењето на Миновски до „традиционалните“ вредности не изненадува со оглед на тоа дека доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, партија која единаесет години не направи ништо за ЛГБТ+ заедницата, туку ја користеше по потреба во меѓупартиски препукувања и за дефокусирање на јавноста од реалните проблеми, и чии политичари поттикнуваа(т) хомофобија.

Михајлов, пак, сподели некои од предизвиците со кои се соочуваат ЛГБТ+ луѓето во секојдневнието, од дома, преку училиштето, до работното место.

Меѓу другото стана збор и за потребата од воведување сексуално образование.

Целата дебата со Михајлов и Миновски погледнете ја во видеото погоре.