Дома Вести Прајд

Трудо дочекан со аплаузи како прв премиер кој учествуваше на ЛГБТ+ парадата во Халифакс

Џастин Трудо со семејството на ЛГБТ+ парадата на гордоста во Халифакс, 22 јули 2017 (Фото: Justin Trudeau/Facebook)

Премиерот на Канада, Џастин Трудо во саботата (22 јули) стана првиот актуелен канадски премиер кој маршираше на Парадата на гордоста во Халифакс.

Во 2016 година, Трудо стана првиот актуелен канадски премиер воопшто кој има учествувано на некоја ЛГБТ+ парада на гордоста, земајќи учество на парадата во Торонто. Повторно присуствуваше на парада во Торонто минатиот месец.

Трудо на прајдот во Халифакс (Нова Шкотска) пристигна заедно со семејството, облечен во светло розова маичка и бели панталони, а толпата го поздрави со аплауз и силни овации. Чекорејќи по рутата на парадата, тој им довикуваше на набљудувачите долж улиците, а повремено правеше и селфи фотографии.

„Јас ќе бидам првиот премиер кој чекорел на Парадата на гордоста во Халифакс. Едвај чекам и тоа да се случи за да нема повеќе „прв пат“, туку просто да биде очекувано од премиерите да учествуваат на парадите на гордоста во земјата, кога распоредот на времето ќе им го дозволи тоа“, рече Трудо на настанот.

Џастин Трудо предизвикуваше воодушевување на секој прајд настан каде има учествувано досега, и поради неговата јасна поддршка за ЛГБТ+ заедницата, но и поради фотографирањето. Минатиот месец се најде на насловните страници откако беше фотографиран како прави „да пукне“ со мало девојче облечено во костумот на „Wonder Woman“ за време на парадата во Торонто. Тој исто така продолжи да ја бранува јавноста со својот избор на чорапи, носејќи чорапи во боите на виножитото со натпис „Eid Mubarak“, во чест на празникот Рамазан.

Првата Парада на гордоста во Халифакс се одржа во 1988 со само 75 учесници. Сега, повеќе од 120.000 луѓе учествуваат на настанот секоја година. Годинава, бројката беше далеку поголема благодарение на еден специјален гостин.