Дома Вести Свет

Вашингтон по примерот на Орегон ќе понуди трет род во личните карти и возачките дозволи

Жителите на Вашингтон наскоро ќе добијат опција, во личните карти и возачките дозволи, да изберат „X“ за ставката род, т.е. да се идентификуваат како родово-неутрални или родово-флуидни, како сакате, доколку не се чувствуваат ниту како мажи ниту како жени. Градоначалникот веста ја објави на почеток на оваа недела, а се очекува да стапи во сила на 26 јуни.

Одлуката доаѓа само неколку дена откако одделот за моторни возила во Орегон објави дека ќе почне да им ја нуди на граѓаните опцијата „X“ доколку „родот не е назначен“, како алтернатива на М (машки) и Ж (женски).

Покрај воведувањето на новата опција во родовиот маркер, Вашингтон исто така ќе ги намали бариерите за правење на таквите промени.

Во тој контекст, градските власти ја менуваат својата политика за да овозможат самоопределување на родовиот идентитет. Претходно, за да се промени родовиот маркер во личната карта или возачката дозвола, лицето мораше да обезбеди потпис од медицинска установа, центар за социјални работи или друг надлежен орган кој би ја одобрил промената на родовиот маркер.

Сега, пак, тоа ќе биде олеснето, и лицата кои сакаат да го променат својот родов маркер во личните документи, ќе бидат во можност промената да ја направат без потврда од медицинска установа или друга институција.

Орегон и Округот Колумбија се предводници во проширувањето на родовите опции за личните карти, но Њујорк и Калифорнија се веднаш зад нив.

Имено, законодавците во Њујорк, неделава предложија законски измени за да се додаде родовиот маркер „X“ во личните карти и возачките дозволи.

И законодавниот дом на Калифорнија разгледува сличен предлог-закон.