Дома Вести Македонија

Владиката Петар со Адам и Ева како аргумент за ставот на МПЦ против истополовите бракови

Владиката Петар, МПЦ

Владиката Петар од МПЦ се изјасни против легализацијата на истополовиот брак во земјава, иако не стана збор за црковни венчавки во предлогот што пред неколку дена во Собранието на РМ го изнесе пратеникот Бранко Маноиловски од ДУИ, кој отворено застана во одбрана на правата на хомосексуалците.

„Дури и културата ја занимаваме со еднополовите бракови и тоа ни е поважно, на ЛГБТ заедниците да им дадеме простор дека тие биле еднакви со другите. Значи, гревот и доброто се изедначени, ама не само изедначени – на гревот му се дава повеќе простор отколку на доброто, па од нашите генерации, од децата и од сите други направивме една каша попара“, вели владиката Петар.

„Ако требало да се мажат мажи со мажи, жени со жени, немало Господ да го создаде Адам, па од него Ева да ја создаде, да бидат маж и жена, туку ќе создал двајца мажи или само две жени и така ќе функционирал бракот“, додава владиката, осврнувајќи се на ставот на Македонската правлославна црква.

Овие коментари владиката Петар ги изнесе на отворањето на демирхисарското културно лето, во манастирот Свети Јован Крстител во селото Слепче.